ММС

Објавено на: 10/14/21 3:17 PM

Пендаровски за 44 долари ја шета Шведска со воз

Претседателот Стево Пендаровски ја шета Шведска со воз. Тој во моментов патува од Малме за Гетеборг, а подоцна и за Стокхолм и по пат ги разгледува убавините на Шведска, односно новите и чисти возови што Македонија ги нема.

Тој објави фотографија на својата официјална страница на Фејсбук од патувањето со воз низ Шведска каде што деновиве се наоѓа во работна посета, со порака „Со возот Малме – Гетеборг – Стокхолм“.

ММС провери за колку пари се вози Пендаровски од Малме до Гетеборг. Денес најевтиниот билет за оваа релација во еден правец чини 44 долари, додека средна цена за подобра класа е 90 долари.

Дека навистина претседателот ја шета Шведска за 44 долари ни потврдија и од неговиот кабинет.

– Во возот има две класи, ние сме во втората класа. Цената на билетот е 44 долари и е купен онлајн. Попладне во Гетеборг ќе имаме средба со наши иселеници. Доцна попладне продожуваме кон Стокхолм – ни рекоа од Кабинетот.

Кога политичарите во Шведска патуваат се функционира нормално и користат најевтин јавен превоз, додека  кај нас цел главен град е закочен.

На овој потег на Пендаровски реагираа и неговите виртуелни пријатели и фанови кои се воодушевуваа на овој потег на претседателот, бидејќи не може да се види политичар во Македонија, да користи јавен превоз.

„Пријатен престој во Шведска претседателе, овде така е,политичарите се возат и со воз и со автобус, а не како во Македонија“, „ Барем си искрен, и во своите импресии ќе речеш, дека ние сме многу далеку од Шведска, таму нема да видиш станица како нашата Рајко Жинзифов“, „И Претседателе ќе се вратиш од таму да идеш со воз од Скопје до Гевгелија. Па и ние имаме возови,  а вие функционерите не ги користите“, „Исто како со возот Скопје-Велес-Кочани“, „Така треба со авион ништо не се гледа, вака ќе се видат многу работи и добијат искуства кои треба да се пренесат во Македонија“, се само дел од пораките кои ги упатија фановите на Фејсбук.

„Не е ретка глетка да се видат шведски функционери како користат јавен превоз за да се движат низ и меѓу шведските градови. Всушност, тоа е претпочитаниот начин на транспорт низ цела Шведска за луѓе од сите возрасти и сфери на живот. Една од причините: грижа за животната средина, бидејќи возовите придонесуваат помалку за емисиите на јаглерод отколку авионските патувања.
Среќни сме што и претседателот на Северна Македонија г -дин Стево Пендаровски ја користи шведската железница додека е во Шведска. За време на своето патување, придружуван од шведската амбасадорка г -ѓа Кристин Форсгрен Бенгтсон, тој имаше шанса да ужива во шведска фика со земички од цимет и кардамон“, објави Шведската амбасада во Скопје.

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Кралството Шведска, денеска во Малме оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, Стефан Лофвен.

Двајцата соговорници на средбата разговараа за актуелниот контекст во однос на очекуваниот почеток на преговорите за членство на нашата земја во Европската Унија. Изразувајќи благодарност за континуираната и конзистентна поддршка од Шведска за нашата европска интеграција, претседателот Пендаровски ја истакна посветеноста на државата кон реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото и го повтори ставот дека натамошното одложување на процесот на проширување ќе има долгорочни негативни последици за развојот и стабилноста на регионот. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази очекување за продолжување на шведската поддршка за нашиот евро интегративен пат.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени континуираната поддршка од Шведска за јакнење на капацитетите на македонските институции, особено во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина.

О.К.

Фото: Фејсбук

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1