ММС

Објавено на: 10/14/21 2:21 PM

Спорот со Бугарија и прашањето со јазикот немаат врска со интеграцијата во ЕУ, рече Бујар Османи на Самитот за Западен Балкан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на панел дискусијата насловена “Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и безбедноста во кревка глобална средина”, ги истaкна чекорите преземени од страна на нашиот регион во насока на доближување кон Европската унија, преку формирање заеднички регионален пазар и направениот исчекор кон зелена и дигитална трансформација, што од своја страна придонесува за одржливиот развој на самата ЕУ.

Министерот Османи се осврна и на членството на Северна Македонија во НАТО, оценувајќи го како успешен и заемно корисен пример за безбедноста на земјава и Алијансата.

– Но, има впечаток и страв дека процесот на проширување за земјите од Западен Балкан е заклучен. Македонија беше најдобриот ученик на патот кон ЕУ, се докажавме како функционална мултиетничка земја. Ако останеме надвор од ЕУ и ако процесот не продолжи, се плашам да не спласне расположението во целиот регион што може да има непредвидливи последици. Суштината на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија нема ништо со процесот на евроинтреграцијата. Се работи за прашања кои се целосно внатрешни, прашања на земјата како што е јазикот кој е право што произлегува од правото на самоопределување на земјата – говореше Османи на панелот на кој се обрати и амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи на еден од панелите на Самитот за Западен Балкан во организација на магазинот „Економист“ дискутираше за тековните предизвици во постковид периодот и можноста балканските земји кои се надвор од ЕУ да ја зајакнат соработката наместо да си бидат едни на други конкуренција.

На панелот „Трасирање на патот за раст и развој во пост-ковид периодот”, Битиќи говореше заедно со  Јерон Дајсеблум, член на Холандскиот сигурносен борд и поранешен претседател на Еурогруп, Матео Ривелини, ракводителот на јадранската дивизија во Европската инвестициска банка и Анди Аранитаси, раководител на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Северна Македонија.

– Земјите во Југоисточна Европа, особено нашите земји од Западен Балкан,  треба да работиме на тоа да се повеќе нашите компании се вклучуваат во глобалните синџири на набавки и на тој начин да се доближуваме до земјите на Европската унија. Со оваа криза се докажа дека синџирите на снабдување, со набавки од далечни земји не се одржливи, и токму тука ја гледаме нашата заедничка шанса. Потребно е, ние земјите од Западен Балкан, да се фокусираме кон подигнување на регионалната конкурентност, наместо да ја заоструваме меѓусебната конкуренција и на тој начин да создадеме еден заеднички пазар, што ќе ја компензира и зајакне додадената вредност во близина на синџирите на снабдување”, посочи вицепремиерот и додаде дека крајна цел на сегашната Влада било создавање  безбедна и предвидлива бизнис околина за инвеститорите, како за домашните компании, така и за странските инвеститори.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1