ММС

Објавено на: 10/14/21 1:48 PM

МЗ: Со скринингот за ковид-19 ќе бидат опфатени 364 основни и 109 средни училишта, родителите да го поддржат тестирањето

Министерството за здравство соопшти дека ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања за рано детектирање и превенција од ковид-19 во основните и средните училишта.
По претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, како што се посочува, тестирањата кои ќе започнат од следната недела ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата. Собирањето согласности во училиштата почна oд денеска.
Од Министерството за здравство информираат дека скринингот во училиштата ќе се реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во одредена просторија.
„Тестирањето трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина. Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата. Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици“, соопштуваат од МЗ и апелираат родителите и старателите да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање.

(МИА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1