ММС

Објавено на: 10/14/21 12:15 PM

Ако имаме информирани граѓани, никој нема да одлучува во нивно име: Инклузива изработи сликовити приказни за гласачите со попреченост

Со сликовити приказни ќе им се олесни процесот на гласање на граѓаните со попреченост на претстојните локални избори. Ваквите приказни ги изработи здружението Инклузива. Вкупно 17.480 на број, тие се веќе испратени до ДИК, од каде што ќе се дистрибуираат до секое гласачко место во државата.

Според претседателката на Инклузива, Благица Димитровска сликовитите прикази го олеснуваат процесот на гласање, ја намалуваат потребата за дополнителни објаснувања за сите гласачи, вклучително и гласачи со интелектуална попреченост, а корисни се и за други категории граѓани.

„Овие материјали го олеснуваат и забрзуваат процесот на гласање и помагаат во спречувањето на долги редици на избирачките места, што е особено важно во услови на пандемија. Секој има право да го изрази своето демократско право на избор. Кога даваме информации за изборниот процесот и процесот на гласање, треба да се запрашаме: дали може да нѐ разбере секој човек? Затоа, информациите кои ги даваме треба да се кратки и лесно разбирливи“, изјави Димитровска.

-Лесно разбирливите информации се можност на правилно информирање и комуникација со сите категории граѓани. Ако имаме информирани граѓани, тогаш нивните одлуки се по сопствен избор и никој нема право да одлучува во нивно има – додаде таа.

„За секое гласачко место-Сликовитите прикази за процесот на гласање-Локални Избори 2021″ е производ, изработен во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), имплементиран од Меѓународна фондација за изборни системи ( ИФЕС) и Национален младински совет на Македонија (НМСМ).

„Инклузива” и ДИК имаат склучено Меморандум за соработка во 2018 година и од тогаш заеднички создаваат услови за инклузивен изборен процес.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1