ММС

Објавено на: 10/13/21 2:17 PM

Ангела Ѓорѓиевска повторно осудена на 19 години затвор за убиството на Пино

Скопјанката Ангела Ѓорѓиевска (22) повторно е осудена на 19-годишна затворска казна за убиството на Пинета Секондо – Пино. Оваа казна повторно и’ беше изречена од Кривичниот суд, кој и претходно донесе иста ваква пресуда, но Апелација ја укина и предметот беше вратен на повторно судење.

На Ѓорѓиевска и’ се судеше за помагање на убиството на Пино,  кој беше пријавен за исчезнат во декември 2018-та година, а во апрл 2019-та неговото тело беше пронајдено во близина на Љуботен.

Ѓорѓиевска, која била во љубовна врска со Пино, се товари за помагање во извршување на убиството, кое според Обвинителството го сторил Али Фуркан, но тој е се’ уште недостапен за органите на правдата. Според обвинението, таа го повикала Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров.

-Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило Опел Аскона, носејќи со себе огнено оружје – пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо –  соопштија претходно од ОЈО Скопје.

Според Обвинителството, обвинетата значително придонела за извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото убиство, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со крупни овални камења.

Додека Пино со месеци се водеше како исчезнат, неговата мајка Маја Трпчевска преку протести и преку медиумите бараше од надлежните да го пронајдат нејзиниот син.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1