ММС

Објавено на: 10/14/21 9:36 AM

Нам ни е чиста совеста – ДЗС демантира дека Бугарите наводно се сатанизирани на пописот

Културниот центар „Иван Михајлов„ од Битола до амбасадорите на САД, на земјите членки на Европската унија и до претседателот на Бугарија, Румен Радев испратил писмо во кое обвинува дека биле вршени директни и индиректни притисоци врз граѓаните на Република Северна Македонија кои имале бугарско национално чувство.

Тие заклучиле дека наводно луѓето кои се чувствувале како Бугари биле сатанизирани и прогласени за државни непријатели, односно се загрижени за системскиот административен притисок врз Македонците со бугарско самоопределување.

„Овој административен притисок врз се поголем број граѓани има за цел да ги замени резултатите од нашата самоидентификација за време на тековниот попис – прв по 20 години што режимот беше принуден да го организира.  Јасно е дека целта е да се создаде заблуда дека ние, македонските Бугари, сме малцинство, а не реална државотворна компонента во нашата Татковина.  Предизвиците со кои се соочуваме сите создаваат силно чувство на недоверба во демократските резултати од пописот, со што се фрла сенка на отфрлање врз и така веќе оспорените идни резултати“, стои во воведот на писмото.

Културниот центар обвинува дека на многу места попишувачите не го поставувале прашањето за етничката припадност, односно „луѓето автоматски се регистраат како Македонци“, потоа дека граѓаните кои се изјасниле како Бугари биле навредувани и омаловажувани од попишувачите, инструкторите и другите членови на попишувачките комисии. Во писмото се тврди дека имало случаи во кои доколку еден член на семејството (првиот коj се попишува) се изјаснел како Македонец, попишувачот автоматски го заведувал целото семејство како „Македонци“.

-Во врска со ова писмо за кое пишувате, најнапред сакам да потенцирам дека ваков допис не е пристигнат на адреса на Државниот завод за статистика, но остро се спротивставуваме на наводите од писмото што ги цитирате во вашиот текст. Во однос на тврдењата дека „попишувачите, инструкторите и другите членови на попишувачките комисии“ се однесувале самоволно и „ги навредувале и омаловажувале граѓаните“, Државниот завод за статистика ги демантира ваквите тврдења бидејќи во ниту една Комисија на пописен реон, ниту пак во Државниот завод за статистика, не е пристигнат ваков приговор за однесувањето на учесниците во Пописот. Според Законот за Попис, Методологијата и Упатството за спроведување на Пописот, а во врска со т.н. чувствителни прашања од групата етно-културни карактеристики,  попишувачот смее единствено да го праша граѓанинот за тоа која е неговата етничка припадност, која е неговата вероисповед и неговиот мајчин јазик, и задолжително треба да го внесе одговорот што ќе го даде граѓанинот, точно онака како што ќе се изјасни. А граѓаните, пак, повторно според Законот и Методологијата, имаа право да го следат попишувачот што внесува во апликацијата – истакна Јасмина Ѓоргиева, портпарол на Државниот завод за статистика.

Во писмото до Радев стои дека имало најдрастични случаи во кои на лицата кои се изјаснувале како Бугари, им било побарано да достават бугарски државни документи, пасоши. Овие луѓе подоцна биле регистрирани како Македонци, под изговор дека не можат или не се осмелуваат да презентираат таков бугарски документ. Во моментите кога не функционирала апликацијата, многу попишувачи наводно ги земале податоците на лист хартија и потоа ги внесувале во апликацијата во отсуство на граѓаните, заменувајќи ја Бугарската самоидентификација на лицата со „Македонска“.

– Според Законот за Попис, попишувачите бараа каков било документ за идентификација со цел да го преземат матичниот број на граѓанинот. Никому не му е побаран документ за да докажува етничка припадност. Пописот даваше можност еден граѓанин да попише и други лица ако во тој момент биле отсутни,  доколку доволно добро ги знае податоците за нив и ги знае нивните матични броеви, но за веродостојноста на податоците гарантира со својот матичен број. Секој има право да каже и да тврди што било, но нас, како Државен завод за статистика, ни е чиста совеста. Со Методологијата и со Упатството за попишување беше дадена можност секој кој не е задоволен од начинот на попишувањето или од однесувањето на попишувачот, веднаш да реагира со претставка/приговор до соодветната Комисија на пописен реон. На сите вакви документирани претставки/приговори, Комисиите на пописните реони соодветно реагираа.  Одолеавме на сите предизвици со кои се соочивме и успеавме успешно да го спроведеме Пописот кој толку многу и е потребен на државата. Горда сум на моите колеги и на институцијата во која работам – Државниот завод за статистика – додаде Ѓоргиева.

Таа порача дека податоците собрани од Пописот ќе бидат за статистички, а не за политички цели:

– Податоците се за статистички цели. Ние ќе објавиме податоци за тоа колку граѓани се чувствуваат како Бугари и колку од нив имаат двојно државјанство, но како индивидуални лични податоци нема да се даваат никому ниту да се објавуваат. Оваа е статистички стандард што се применува во сите пописи на населението.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1