ММС

Објавено на: 10/13/21 11:15 AM

Скринингот не е страшен, обичен брис како и за други инфекции – Филипче со апел до родителите

Моделот за скринингот во училиштата е готов и од утре министерствата за здравство и за образование и наука ќе почнат да бараат писмена дозвола од родителите за тестирање на децата. Министерот, Венко Филипче денеска призна дека скринингот на учениците доцни една недела, бидејќи анализата на учениците одзела повеќе време. Тој верува дека до крајот на оваа или почетокот на следната недела веќе ќе ги обезбедат писмените согласности од родителите за да може да се почне со скринингот.

„Се знае колкава бројка во кој од класовите, во кои училишта согласно бројката на училишта во општините и ученици во тие училишта. Верувам дека тоа ќе биде брзо бидејќи ќе се прави преку електронскиот дневник и родителите ќе имаат можност веднаш да одговорат. Апелирам да го прифатат скринингот, не е тоа ништо страшно, обичен брис се зема кај децата исто како и за детектирање на други причинители на горно респираторни инфекции за да имаме еден пресек, една слика“, изјави Филипче.

Според него, епидемиолошката ситуација е мирна и нема ниту заболени, ниту хоспитализирани деца.

„Има 10 до 15 деца во Болницата во Козле и во ниту една друга институција. Нема податоци за трансмисија во училиштата, но битно е да откриеме дали има асимптоматски носители на вирусот“, изјави Филипче.

 

(В. Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1