ММС

Објавено на: 10/12/21 3:23 PM

Незапаметеното сушно лето на ХС „Злетовица“ и’ потроши само 24% од капацитетот (видео)

Изминатото лето ги покажа сите ефекти на климатските промени. Незапаметени суши и африкански температури, што уште како се почувствува врз издашноста на водените извори. Жедните градови се чини дека допрва ќе ја покажат својата потреба за вода. Најилустративен е случајот со Штип, каде во одредени денови, потрошувачката вода драстично се зголеми, а тоа доведе до нагло повлекување на вода од филтер станицата од системот, што предизвика две големи хаварии.

Додека другите извори се намалуваа под ударот на сушното лето, Браната Кнежево од Хидросистемот „Злетовица“ остана стабилен. Во текот на септември, кога се искачивме до браната, исполнетоста изнесуваше 78,7%. Или од максималните количини од 25,5 милиони литри вода, во тој момент имаше 18 милиони. Сушното лето на браната и’ потроши само 24% од водата и според директорот на „Злетовица“ Миле Илиевски, тоа е доказ дека акумулацијата има доволно вода да ги снабдува сите општени подолг период.

-Само за илустрација – количината на вода која ја има во моментот, најмалку две години, ниту капка вода да не падне или да не заврне дожд, ќе имаме доволно вода најмалку две до три годни за да вршиме снабдување со вода за пиење на општините Пробиштип, Свети Николе и секако Штип, Карбинци и Лозово, кога ќе бидат приклучлени на нашиот систем.

Илиевски тоа го илустрира со најсушниот период од минатото лето, кога и покрај големите колични кои беа повлечени, паралелно се вршеше тест во филтер станиците во Штип и Карбинци и тоа Штип со 360 литри во секунда и Карбинци со 40 литри, системот останал стабилен. Издржливоста на системот на што се должи и на издашноста на Злетовска река, која извира од дел, кој дури и сред лето е под снег.

-Акумулација Кнежево се полни со Злетовска река, којашто извира од високите планински врвови на Осоговието и пред се во подножјето на Царев врв или кај нас викан Султан Тепе, којшто и летно време е под снег. Постојано имаме издашност на Злетовска река и количините води кои влегуваа се доволни за полнење и празнење на акумулацијата во летниот перид и со тоа гарантираме дека и во најсушните периоди и кога сите општини ќе бидат приклучени на ХС, ќе имаме доволна количина сирова вода за преработка во филтер станиците во општините, кои се опфатени со проектот, изјави директорот Илиевски.

Инжинерите во „Злетовица“ во секој момент имаат детален преглед на количините на вода, пропустливоста, кондицијата, а се мери и состојбата со телото на браната и тлото. Веднаш до браната е лоциран главниот контролен систем, кој на еден голем екран го има целиот хидросистем пред окото на раководителката за одржување, Елена А. Досевска.

-Останатите параметри на Зафат 1 е матноста, ја гледаме надворешната и надворешната температура, отвореноста на таблестите затворачи, ја гледаме самата регулација, како и заштитата на цевководот што се наоѓа низводно од зафатот. Преку овој систем, ние можеме буквално да го регулираме целиот систем, однсно можеме да ги отвораме и затвораме затворачите, можеме протокот да го регулираме, да го намалиме, да го зголемиме во зависност од потребата на самото население колку што вода влечи. Тоа се основните параметри што можеме да ги контролираме, објаснува Досевска.

СКАДА системот од поставување до денес ги бележи сите промени. Според овој систем, во последниот период најниското ниво браната го имала ланската зима, кога била полна дo половина. Се работи за обемен систем, од каде со овда за пиење е предвидено да се снабдуваат над 100.000 жители од регионот.

-Водата кога излегува од браната е слободно по течението на Злетовска река од каде ги прифаќаме нејзините притоки, како што се Венечка, Зеленградска река и останатите. Водата доаѓа до Зафат 1, од каде се издвојува водата за Прибиштип. Се пушта водата за Пробиштип и одредениот дел слободно тече. Потоа е Зафат 3, каде се зафаќа водата и останатиот дел и биолошкиот минимум, којшто е задолжителен, сите тече по самото течение, кажа Досевска.

Иста ваква контролна соба има во седиштето на „Злетовица“ во Пробиштип, а контролен систем е инсталиран на зафатот Темелна затворачница, каде се регулира испуштањето на водата, односно протокот на вода. Колку вода може да поминува се контролира и од Пробиштип.

-Во самата Темелна затварачница има три цевки, што можат да се видат и на скицата, од кои што, првата цевка е работна цевка и низ неа вршиме регулирање на истекот на вода во Злетовска река. Самата цевка е со пресек дн 400 и низ неа може да испуштаме до 1200 литри вода во секунда. Втората цевка, која е хавариска цевка, со димензии дн 1200 мм, на неа е вграден вентил, којшто овозможува максимално испуштање на вода од 15.000 литри во секунда одосно 15 метри кубни во секунда и овој вентил го користиме кога сакаме да испуштаме поголеми колични вода, или при евентуални хаварии да извршиме брзо празнење на акумулацијата. Третата цевка, која што е стопирана со дн 150 милиметри, и ако извршиме стопирање на водата во работната цевка, тогаш таа цевка ја користиме за испуштање на биолошки минимум до 150 литри во секунда. Постои и четврта цевка, која не е вградена, таа е пломбирана и таа цевка ќе служи за надоградување за вотра фаза за системот за наводнување. Значи, од тука ќе започне изградбата на системот на ц евководи, за наводнителен систем за горна и долна зона за Пробиштип, објасни Илиевски.

Не помалку важно е постојаното следење на темелот и тлото на браната. Оскултациона опрема ги отчитува параметрите што редовно ги следи Катерина Митевска Стојчева.

-Од оскултациона опрема имаме затворени и отворени физиометри. Затворените физиометри се наоѓаат во темелот и телото на браната, додека отворените физиометри се наоѓаат на круната на браната и по боковите на браната. Тие ги мериме со рачен инструмент, како контрола. Сите податоци ги сумираме. Имаме вертикално поместување, систем за деформации. Сите тие податоци ги сумираме и ги доставуваме до овластена институција. Исто така имаме поврзано систем за сеизмологија за мерење на земјотреси, вели Митевска – Стојчева.

Досегашните мерења сите овие години не покажуваат отстапувања. Повремено се поставува и сонда до дното на браната.

Комплицираниот систем ќе се надополнува. Претстојат втора и трета фаза со изградба на систем за наводнување и хидроцентрали. Системот го чинат повеќе поврзани делови, за да може еден град како Штип на далечина од околу 50 километри нормално и безбедно да се водоснабдува.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1