ММС

Објавено на: 10/12/21 3:13 PM

Аферата во музејот на пари“ е полупроизвод за филм или серија – Сашо Кузмановски го промовираше првиот роман

 

„Во музејот на пари во Народната банка е свечен ден. По повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на Македонија, јавноста има можност да го види историското богатство на земјата. Во импресивната нумизматичка поставка има и една ретка пара – тетроболот на Ликеј со уникатна иконографија од обете страни. Сите се возбудени и со гордост зборуваат за овој важен настан. Ништо не најавува дека нешто може да ја наруши идилата. Но, еден неочекуван телефонски повик навестува невиден скандал. Уникатниот тетробол е, всушност, фалсификат. Алармот е вклучен! Потрагата по оригиналот почнува…“

Ова е извадок од книгата „Афера во музејот на пари“, која е прво дело на новинарот Сашо Кузмановски и претставува авантуристичка приказна за борбата со нелегалното тргување со антиквитети. Книгата беше претставена на годинашниот Саем на книгата во рамките на настанот „Ноќ на домашни трилери“ и имаше одличен одзив кај публиката.

Патувања, посети на убави места, истражувања, читање од областа на нумизматиката и цели две години му биле потребни на долгогодишниот спортски новинар да ја долови криминалната приказна сместена на македонски терен.

– Романот беше готов уште некаде во 2018/19 година и навистина ми беа потребни добри две години да го завршам. По сите инсистирања на најблиските да побараме издавач, некако сосема неочекувано излезе соработката со издавачката куќа Арс Ламина, која изрази желба да го издаде романот, и на мое големо задоволство оваа година „Афера во музејот на пари“ се појави пред читателите – рече за ММС, Сашо Кузмановски.

Авторот бил изненаден од реакциите на публиката и вели, добро е што предизвикал интерес за работите кои малку ги познаваме, а живееме со нив.

– Мислам дека моето појавување во оваа сфера беше големо изненадување за сите кои ме познаваат како спортски новинар. Сите реакции во деновите кога беше промоцијата, па и по неа, беа позитивни и тоа навистина ме радува. Во овој период веќе имав десетици јавувања од пријатели и познаници кои ја прочитале книгата и, она што ме радува, сакаа да прокоментираат малку за книгата, за настаните опишани во неа. Велам, добро што сум предизвикал интерес за некои работи, кои малку ни се познати, а живееме со нив. Тоа е ми е голема сатисфакција – објасни Кузмановски.

Главната порака на романот е желбата малку повеќе да се заинтересираме за она што го имаме како културно богатство, да бидеме свесни за историјата и малку повеќе да го цениме она што некој ни го оставил во наследство.

Кузмановски гледа и ужива во добри ТВ- серии, повеќе трилери отколку крими-приказни и веројатно се фатил на јадицата на уживањето во добра приказна и изградени ликови.

„Аферата во музејот на пари„ е како создадена за екранизација, без разлика дали ќе се работи за ТВ-серија или филм.

– Сериите, како и книгите, навистина ми се слабост, и кој не би посакал екранизација на некое негово дело. Ова е прв мој роман, за кој многумина од оние кои го прочитаа, но и рецезентите, рекоа дека е некој вид на полупроизвод за филм или серија. Сепак, не сум толку добро упатен во филмската или телевизиска продукција и начинот на кој функционира, така што оставам налуѓето од таа сфера, ако некој навистина гледа потенцијал во приказната, можеби некогаш и да направиме некаква соработка – додаде Кузмановски кој повеќе од една година работи на нов крими-трилер во кој ќе се вратат дел од главните ликови во неговиот дебитантски роман.

 

О.К.

 

Фото: blog.literatura.mk

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1