ММС

Објавено на: 10/12/21 9:52 AM

Работа ќе има само за тазе невработените, не за сите млади

Над 25.000 млади невработени во државава кои со месеци, па и со години се надеваат дека ќе го дочекаат своето прво вработување, уште ќе чекаат, којзнае до кога. Владата не планира да ги вработи оние млади кои се веќе евидентирани како невработени на списоците во Агенцијата за вработување (АВРСМ), кои се на возраст од 20 до 29 години, а ги има 26.750. Мерката што премиерот Зоран Заев ја најави минатата недела, дека од 2022 година Владата ќе им субвенционира на компаниите вработувања на младите од 15 до 29 години, веднаш по завршување на нивното средно или факултетско образование, ќе се однесува само за оние млади лица кои за прв пат ќе бидат пријавени како невработени и тоа во период од четири месеци.
„Овој проект има за цел на младите лица од 15 до 29 години кои се невработени, не се вклучени во образование или обука, кои за прв пат ќе се евидентираат во Агенцијата за вработување во период од четири месеци, да им се обезбедат соодветни услуги за вработување, континуирано образование и обука што ќе овозможи нивна активација и мотивација за вклучување на пазарот на трудот. Невработените преку моделот „Гаранцијата за млади“ веќе се вклучуваат во програми, мерки и услуги за вработување, во согласност со годишниот Оперативен план“, информираат од владиниот кабинет за ММС.мк. Додаваат дека, намалувањето на младинската невработеност и зголемувањето на нивната вработеност за нивно полесно вклучување на пазарот на трудот, е еден од главните приоритети, како и дека досега фокусот беше ставен на излез до кризата од пандемијата и спас на постоечките работни места. Но, праксата покажала дека и во услови на пандемија, има работа за младите, посочуваат за ММС.мк од Владата.
А, допрва ќе се прават анализи колку пари од буџетот ќе бидат потрошени за субвенциите за младински вработувања.
„Во тек е изработка на анализа врз основа на која ќе се направи проценка за ставката во буџетот која ќе се одвои за оваа намена“, појаснуваат од Владата.
Инаку, како што велат од таму, оваа најавена мерка што ќе се применува од следната година, е продолжение на моделот „Гаранција за млади“ што се спроведува од 2018 година, но сега ќе се зголемел опфатот. Од тогаш, до сега, во овој проект учествувале 64.808 лица, од нив 20.450 се вработиле во првите 4 месеци, а 3.322 биле вклучени во Активните мерки за вработување. Во 2020 година, за прв пат АВРМ почна со исплата на младинскиот додаток, за вработувања во производството и во земјоделството, по завршување на средното образование, со што се подобрува животен стандард на младите, но и се покриваат потребите на работодавачите од квалификувана работна сила, информираа од Владата. Додатокот е во висина од 3.000 денари месечно и им се исплаќа на лица до 23 години со најмалку средно образование. Заклучно со август годинава евидентирани се 3.695 корисници.
Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ) на крајот на август годинава, вкупниот број на лица кои активно бараат работа изнесува 137.707. Од нив, 12.968 се млади на возраст од 20 до 24 години, а 13.782 се на возраст меѓу 25 и 29 години. Најголем број од вкупно невработените чекаат работа 2 години (24.857), а по нив чекаат на своето прво вработување меѓу 12 и 17 месеци 19.895 лица.

Маја Томиќ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1