ММС

Објавено на: 10/13/21 10:00 AM

Со факултет 15.200 денари плата, за лимари и градежници до 27.000- Агенција за вработување одамна не е место каде секој што бара работа би ја пронашол

Дури 23.000 невработени лица од списокот на Агенцијата за вработување чекаат работа повеќе од 5 години. 6.976 од нив се невработени дури над 8 години – покажува статистиката на Агенцијата за врабтување. Тие се во вкупната бројка од 137.707 невработени за август кои се изјасниле дека сакаат да најдат работа.

Но, што стои позади овој феномен. Отворивме да видиме што се нуди на страната на Агенцијата за вработување во бројката од вкупно 9.700 слободни места.

Се бараат од медицински лица, економисти, архитекти, возачи, продавачи, програмери, дури и менаџери. Но она што е воочливо е дека за голем дел од слободните работни места, за кој се бара факултетска диплома, платата е 15.200 денари. По 24.000 и 27.000 денари се нудат за градежи работници, лимари или занаети за кои тешко се наоѓаат работници во моментов. Пазарот на труд кој го менаџира државната Агенција за вработување одамна не е место каде секој што бара работа би ја пронашол.

Бројките покажуваат дека се вработуваат оние кои брзо успеваат да се прилагодат на она што го бара пазарот. Така дури 5.085 лица од кои 2.593 жени веднаш се вработиле или чекале работа помалку од еден месец. До пет месеци бројката е 17.079 лица, а од 6 до 11 месеци 21,607 од кои 11.697 жени. Од една година до 17 месеци имало дури 19.859 лица, а од 18 до 23 месеци 13.100 лица.

Над две години пак се невработени повеќе од третина од сите кои бараат работа. Или вкупно 42.935 лица чекаат вработување повеќе од 2 години.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1