ММС

Објавено на: 10/12/21 9:08 AM

„Ме попишаа, ме има во системот ама не можам да работам, да се лечам и нормално да живем“ – Гостиварецот Скендер Шијани поради бирократијата 25 години е фантом

Скендер Шајини (41) од Гостивар  25 години талка, и се’ уште талка по институции за да извади, како што вели, она што законски му следува – државјанство. Роден е во Гостивар, има извод на родени, се школувал во овој град, служел во македонска војска, отслужил затворска казна во македонски затвори, ама македонско државјанство не може да извади.


Неговите родители и неговиот брат извадиле државјанство уште во 2004 година, но тогаш тој ја пропуштил шансата, оти морал да одлежи затворска казна. Кога одлежал, повторно започнал процедура за стекнување на ова право, но до денес, вели тој,  нема никаков сериозен одговор.

-Бирократија голема, а институциите ме мотаат како што сакаат и ме препраќаат од едно на друго место. Сега дури има и има нов закон за државјанство со олеснителни околности, поднесов таму во МВР, во зградата на МТВ, ама еве чекам, се’ уште нема одговор. Затоа апелирам што поскоро овој процес да се забрза и да добијам конечно државјанство. Новиот закон вели – ако еден од родителите има државјанство и другиот се согласи, независно од тоа детето каде е родено, може да му се даде државјанство.

А јас не само што сум роден тука, плус и татко ми и мајка ми имаат државјанство ама бадијала. Од Инспекторатот за странци и Министерство за внатршени работи бев одбиван неколку пати претходно и сакаа да ме депортираат, а јас им велам депортирајте ме, ама нема каде очигледно, оти јас сум од Македонија, од Гостивар, а не од друга земја. Ми бараат место на живеење, имот и слично. Како јас без државјанство односно без лична карта да имам имот? Како да го спечалам тој имот, ова е чудна работа, вели Шајини.

Поради немање на државјанство е дискриминиран по многу основи, вели тој.

„Сега ако не си вакциниран, никаде не те примаат, а сертификат за имунизација не ми даваат, оти немам државјанство“ се пожали тој. Па поради немање на основни документи, како што вели Шијани, не може да ги оствари своите основни права, ниту да склучи брак, иако има деца.


-За вакцина бев да се информирам во пунктот во Гостивар и таму ми велат ќе те вакцинираме за твое здравје, но нема да можеме да ти дадеме сертификат. Значи јас можам да се вакцинирам, ама нема да имам доказ, а сакам да имам доказ. И сега исто што е интересно ме попишаа, сум бил во системот, фигурирам, ама државјанство за мене нема. Значи јас сум дел од оваа држава според пописот, ама без државјанство. Како така се чудам. Сега и на избори не можам да гласам, оти немам лична карта, оти немам државјанство, иако сум на избирачкиот список. Не можам да имам здравствена книшка, морам да се лечам приватно. Не можам да се вработам, бидејќи ми бараа трансакциска сметка, а таа без лична карта не можам да ја извадам. Без државјанство никој не сака да ме вработи, а ако ме вработи мора на диво да работам, бидејќи не можам да извадам ниту трансакциска сметка. И за тоа ми бараат лична карта, се’ е со лична карта, вели Шијани.

Скендер посочува дека не му останува ништо друго освен да чека државата да го депортира во земјата каде што припаѓа, иако како што уште еднаш ни повтори тој припаѓа во Македонија, каде и се родил и основал семејство.

Зоран Димовски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1