ММС

Објавено на: 10/10/21 6:25 PM

Финецот Валтери Ботас, возачот на Мерцедес, е победник на Големата награда на Турција

Возачот на Мерцедес, Валтери Ботас, победи на денешната трка во Формула 1 што се возеше во Истанбул за Големата награда на Турција. Ова е прва победа на Ботас оваа сезона, известува Агенција Анадолија (АА).

На патеката „Интерсити Истанбул парк“ во градот на Босфорот денес се возеше 16. трка сезонава во Формула 1. Ботас ја почна трката од првата позиција и со одлично возење успеа како првопласиран да ја премине целната линија по извозени 58 круга.

На второто место трката ја заврши Макс Верстапен, додека третопласиран е Серхио Перез, неговиот тимски колега од Ред Бул. Ред Бул на оваа трка имаше црвено-бели болиди со цел да му оддаде почит на својот производител на мотори, Хонда, кој оваа година се повлекува од Формула 1.

Четвртото место го зазеде Шарл Леклер, возачот на Ферари, додека актуелниот шампион, Британецот Луис Хамилтон, ја заврши трката на петтата позиција. Треба да потсетиме дека Хамилтон беше најбрз во трката за пол-позицијата, но поради замена на погонската единица во болидот ја започна трката од 11. позиција.

Пјер Гасли (Алфа Таури) успеа да ја заврши трката на шестата позиција, додека Ландо Норис (Мекларен) ја заврши трката како осмопласиран. Меѓу првите десет, место изборија Ленс Строл како деветти и Естебан Окон, кој го зазеде десеттото место.

Макс Верстапен по оваа трка ја презеде лидерската позиција меѓу возачите со 262,5 бода, 6 повеќе од второпласираниот Луис Хамилтон. Валтери Ботас со денешната победа дојде до 177 бода и трето место во генералниот пласман. На четвртата позиција е Ландо Норис со 145, додека Серхио Перез е петти со 135 бода.

На 24 октомври е закажана трката за Големата награда на САД, што ќе се вози во Остин.

Агенција Анадолија


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1