ММС

Објавено на: 10/10/21 11:01 AM

Почнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание

Во Прилеп вечерва почнува одбележувањето на 11 Октомври – Ден на народното востание и 80-годишнината од овој настан кога во 1941 година беше означен почетокот на народно-ослободителната војна.

Според програмата, во 18 часот на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ ќе се обратат премиерот Зоран Заев, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945, Никола Стојановски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
Празничната програма потоа ќе продолжи со настап на воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија и ќе заврши со традиционалниот импровизиран напад на градот како реминисценција на настаните од 11 октомври 1941 година.

Свеченостите по повод 11 Октомври продолжуваат утре кога во Прилеп во 9 часот делегации на државниот врв, општествено-политичките организации, Армијата, борците, дипломатскиот кор и на гостите од странство ќе положат цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.

На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски, на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

Празникот ќе биде одбележан и во Скопје и во Куманово.

Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 09:30 часот. На свеченостите во Скопје ќе се обратат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.

Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1