ММС

Објавено на: 10/12/21 6:02 PM

„Моќта на потсвеста“, „Калуѓерот што си го продаде своето ферари“…Што читаат кандидатите за градоначалници и што препорачуваат на противкандидатите

Кандидатите за градоначалник за повеќе општини, во емисијата Стадион на Канал 77, зборуваа за приоритетите во своите изборни програми, за нивните ветувања и нивната реална остварливост. Зборуваа и за својот карактер, човечките маани, но и за своите литературни афинитети.

Од претходното издание на Стадион, направивме еден увид на книги кои што тие сакаат да ги читаат, но и што им препорачуваат на нивните против кандидати, која литература да ја читаат. Таков увид направивме и од последното издание на емисијата „Стадион“, во кое во живо дебатираа и кандидатите за градоначалник, Сашко Николов од Сдсм, Иван Јорданов од Вмро Дпмне, Ванчо Санев, Дом и Лдп и Симон Поликарп Џими од Интегра.

Иван Јорданов, кандидат за градоначалник на ВМРО- ДПМНЕ Штип: Ја препорачувам книгата „Моќта на потсвеста“ од Џозеф Марфи. Оваа книга е водилка во нашиот живот. Треба да пробате за да успеете, треба да се борите за да успеете. Моќта на потсвеста е многу битен чинител во нашето функционирање и затоа ја препорачувам.

Сашо Николов,кандидат за градоначалник на СДСМ, Штип: Својот против кандидат Иван Јорданов го советувам да почне да ги чита законите на Локална самоуправа, функционирањето на Локалната самоуправа, работењето на јавните претпријатија и мојата програма„ Најдоброто за Штип“,  да ја научи добро бидејќи тоа ќе го чека во наредните четири години.

Александар Наумовски, кандидат за градоначалник на СДСМ за Општина Горче Петров: Ја препорачувам книгата „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма, затоа што докажува дека животот не е само потрага по парите.

Бени Шакири, кандидат за градоначалник за Скопје на ЛДП-ДОМ: Во овој момент би ја препорачал автобиографијата на Keith Richards, може и автобиографијата на Lemmy а од пред некој ден излезе и книгата на Dave Grohl’s ‘The Storyteller’, некогашен тапанар на Нирвана. Тоа се книгите кои што секој урбан лик треба да ги прочита.

Данела Арсовска, кандидат за градоначалник подджана од  ВМРО-ДПМНЕ, за Скопје, вели дека изминатите години била фокусирана на економски анализи и верува дека секој од кандидатите има свој вкус за литература.

Гоце Цветковски, кандидат за градоначалник за Охрид, движење Бојкотирам: Читал филозофија. На своите кандидати не им препорачувал ништо затоа што не биле од оние кои што можат да се подучат.

Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на СДСМ за Битола: Ја препорачува книгата „Седум навики на успешните луѓе“ од Стив Кови. Мотивациска и практична книга како треба да се однесуваат луѓето кои што сакаат да бидат успешни.

Наташа Котлар, кандидат за градоначалник  на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Центар: Од поновите автори го препорачува Гоце Смилевски и неговата „Разговор со Спионоза“ а од постарите, Паскал Гилевски и неговата „Доживувањата на двајца селски учители“.

Оливер Илиевски, кандидат за градоначалник на СДСМ за Куманово: На Максим Димитриевски му препорачувам да чита повеќе за менаџмент за човечки ресурси, затоа што поединец во животот ништо не може да направи и дека поединец не може да биде експерт во секоја област. На Тони Михаиловски му препорачувам да почита малку повеќе за економијата зошто тоа не е глума туку реалност.

Оливер Зафировски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Карпош: Би ја препорачал мојата книга „Здравјето и климатските промени“. Климатските промени навистина влијаат на здравјето на луѓето, посебно аерозагадувањето.  

(В.К.)

Фото: www.facebook.com

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1