ММС

Објавено на: 10/8/21 2:13 PM

Рашковски предвреме си ги отплатил кредитите со ќарот од незаконското работење во Владата – Русковска поднесе обвинение против него и „хонорарците“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд во Скопје поднесе обвинение против бившиот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и против уште шест лица.

Рашковски се товари дека сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, второ и трето обвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека останатите лица се обвинети дека помагајќи сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Во периоод од јуни 2017 до февруари 2021 година Рашковски потпомогнат од второ и трето обвинетите надворешни соработници извршил повеќе временски дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

„Првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор. Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства. Тој лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари“, соопшти Обвинителството со кое раководи Русковска.

Рашковски го искористил и овластувањето да склучува авторски договори со физички лица иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари. Хонорарците на Рашковски му вратиле дел од исплатените средства во готовина и со тоа е нанесена штета на Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.320.000 денари.

Во рок од четири години Рашковски пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319,00 денари (околу 90.000 евра). Со намера да го прикрие потеклото паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.

Предметниот обвинител достави и посебен предлог за продолжување на куќниот притвор на Рашковски, соопшти Обвинителството.

-Исто така, со обвинителен акт согласно чл.118 ст.2 в.в со чл.120 од ЗКП, е предложено да биде определена привремена мерка за обезбедување на имотно – правно барање на износ од 5.050.000,00 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137,00 денари што настанала поради извршување на кривичното дело, велат од Обвинителството.

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1