ММС

Објавено на: 10/8/21 1:17 PM

Општината и државата се глуви, велат од нуркачкиот клуб од Тетово и се подготвуваат да ги чистат езерата на Шара

Колку има отпад и каква флора и фауна има во езерата на  Шар Планина ќе увиди, но и истражува нуркачкиот клуб при Македонско – хрватското друштво од Тетово. Градот под Шара нема море, но може да се пофали со природните езера на Шар Планина, кои како што велат од нуркачкиот клуб, никогаш не биле испитани и разгледани нивните длабочини, како и дното од овие македонски бисери.

Горан Видачек од Македонско – хрватското друштво, со своите колеги решил да формира нуркачки клуб во склоп на самото друштво. Досега се собрале односно зачлениле 10 нуркачи. Првата акција им била во природните езера во Македонија, од каде биле изненадени колку смет било извадено од нив. Но, за жал акциите се спроведуваат со помош и подршка од невладините организации, за разлика од Хрватска, каде на овие еко акции помош дава државата.

-Годинава сме нуркале во Дојрнско, Охридско, Мавровски и Младост. Тие четири  еколошки акции ги спонзорираше една невладина организација. За разлика од морињата каде што нуркаме во Хрватска, во езерата водата е матна, освен во Охридско Езеро, но за жал и таму има многу отпад. На дното има многу отпад, но има некои места кои се чистат, но и покрај тоа пак се валкаат. Ние се изненадивме колку е валкано Мавровско езеро, никој не се грижи за ова езеро, за чистотата. Секој ден има туристи, фрлаат се и сешто, најчето пластика.Општината и државата се глуви, за разлика од нуркачките друштва во Хрватска каде им излегуваат во пресрет институциите, пред се во опрема, полнење боци, исхрана, спиење кога има нуркачки акции, истакна Горан Видачек од нуркачкиот клуб при Македонско – хрватското друштво.

Тој со останатите нуркачи колеги, имаат организирано и еколошка акција за чистење на коритото на река Пена во Тетово, како и акции за чистење на Јадранското Море во Хрватска. Секаде има смет, поради несовеста на граѓаните, но надвор од земјава тие акции добиваат голема подршка од државата,вели тој и додава:

-Во Шибеник имаше еколошка акција.На самата акција учествуваа 120 нуркачи, тоа беше меѓународна акција. Бевме во посета на Задар, па како нуркачи го чистевме морето и бевме изненадени колку има смет во самото море. Имаше пластични шишиња, гуми и беше собран околу 4 тони смет и од сето тоа ѓубре се направи ајкула, како потсетник колку многу отпад има во морето и колку е тоа страшно,  вели Видачек.

„Целта на активностите  е да се подигне еко свеста на граѓаните преку нашиот пример, а на тие наши акции и ни се приклучуваат. Следен чекор и како најголема цел е да ги истражиме езерата на  Шар Планина, каде досега немало нуркачки акции, за да видиме што се има таму, каква флора и фауна и колку се затрупани со смет, па потоа да видиме какви еколошки акции таму може да организираме“, велат од друштвото.

Акциите на Шара се оправдани, бидејќи сега таа е прогласена за национален парк, но пробчем е транспортот на опремата.

-Имаме некои разговори и планираме да направиме некој проект со нашите планинарски друштва бидејќи Шара е веќе Национален парк и затоа ние сакаме да ги истражиме нашиве планински езера, да видиме колку се валкани, каква флора и фауна имаат. Досега немало некои истражувања таму. Голем проблем е самиот транспорт на опремата на самата планина, оти на пример една нуркачка опрема тежи 40 килограми и е специфична за носење, односно има компромиран воздух каде има преку 200 бари атмосферски притисок, не е тоа обичен транспорт, додава Видачек.

(З.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1