ММС

Објавено на: 10/8/21 1:58 PM

Ѝ платил 5.100 долари на бајачка, а таа не му ја тргнала клетвата, сега бара отштета од 25.000 долари

Со цел да ја тргне лошата клетва што врз неговата љубовна среќа ја фрлила поранешната девојка, како и за да го сочува бракот, Мауро Рестрепо од Лос Анѓелес ангажирал бајачка за помош. Но, кога сфатил дека таа не му помогнала, решил да поднесе тужба против неа.
Тој тврди дека бајачката му ветила оти повторно ќе биде среќен ако ѝ плати 5.100 долари за да му го тргне урокот. Но, откако ѝ ги дал парите, животот му останал на „мртва точка“, па решил да ја тужи и да ѝ побара отштета од 25.000 долари.
Рестрепо открил дека побарал помош од Софија Адамс, која се претставила како „бајачка-стручњак за љубов“, за да се извлече од несреќниот период во својот живот.
„Според Адамс, таа лоша среќа му ја донела вештерка која ја ангажирала неговата поранешна девојка“, стои во тужбата поднесена до судот во Лос Анѓелес, пренесува хрватски „Јутарњи лист“.
Адамс му рекла дека, ако не се тргне „урокот“, тој би можел да го уништи Рестрепо, неговите деца и бракот. Но, и покрај фактот дека зела капар за „симнување на клетвата“, тоа не помогнало за подобрување на неговиот брак.
Во тужбата, покрај бајачката, опфатени се и нејзиниот сопруг и ќерка, како и нивни соседи, а во неа стои и дека Рестрепо имал многу непроспиени ноќи, мачнини и неизвесност поради неуспешното отстранување на проклетството.

Извор: blic.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1