ММС

Објавено на: 10/8/21 10:55 AM

Како Заев мисли да вработи 137.707 млади? Маркетинг пред избори или реалност?

Со субвенционирање на социјалните придонеси од државната каса, стимулации, па дури и наградни игри, од наредната година, Владата ќе го поттикнува вработувањето кај младите и ќе се обиде да ја намали високата стапка на вкупна невработеност во земјава од 15,9 отсто. Приоритет ќе имаат оние кои ќе сакаат да се вработат веднаш по завршување на средното образование или факултет, во некоја компанија која ќе пројави интерес за нивна практична обука, за што ќе добие пари од државата. Како што најави деновиве премиерот Заев, во државава има огромна побарувачка на квалификувани кадри од приватниот сектор, а конечна цел на Владата е од 2022 година сите млади до 29 години да бидат ангажирани веднаш по завршувањето на средното или високото образование, во „раната младост“. Со тоа, според Заев, ќе се намали стапката на невработеност кај младите, од 42 на 29 отсто во моментот, а до 2024 година, на помалку од 17 отсто, со што ќе се поттикне и домашната економија.


Од Владата не објаснуваат повеќе детали околу оваа мерка, во смисла, кои сѐ активности се потребни претходно за таа да може да се реализира, колку средства од буџетот се планирани за почетокот, а колку по години, колку невработени млади ќе бидат опфатени, за кои дејности, како и зошто ваква идеја не се спроведе досега, а се споменува пред локалните избори ?
ММС ги постави овие прашање до Владата, но за нив до овој момент се уште не доби одговор.

Компаниите засега позитивно ја оценуваат оваа владина мерка и нагласуваат дека практичните обуки се неопходни за голем дел млади кои сакаат по завршувањето на образованието да се вклопат во работниот процес.
Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија ( ОРМ), невработеноста кај младите во државава подолг период е проблем и стапката е повисока во однос на европските земји. Што се однесува до државните субвенции за вработување, како што вели Димитров, тие се дел од активните програми и мерки за вработување кои се практикуваат во државава неколку години.

Ангел Димитров

„Пазарните активности си го прават своето, но и Владата има право да субвенционира вработување на младите затоа што тие најчесто завршуваат образование во кое нема практична настава и не располагаат со вештини за извршување на работните задачи. Затоа работодавачите мораат пред се да им извршат обука, пред тие да почнат да се вклопат во работата. Субвенциите за придонеси во овој случај се компензација на трошоци за обуки и за тренинзи на нововработените кои немаат никакво практично искуство“, вели Димитров за ММС.
Но, што покажуваат официјалните бројки? Колку млади ќе вработи премиерот со овој потег?

Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ) на крајот на август годинава, вкупниот број на лица кои активно бараат работа изнесува 137.707. Од нив, 12.968 се млади на возраст од 20 до 24 години, а 13.782 се на возраст меѓу 25 и 29 години. Или, вкупната бројка на млади невработени лица од 20 до 29 години изнесува 26.750. Невработени со завршено средно образование се најмногу, 34.831 лице, а со високо се 10.413. Најголем број од невработените чекаат работа 2 години (24.857), а по нив чекаат на прво вработување меѓу 12 и 17 месеци дури 19.895 лица. Податоците на АВРСМ уште покажуваат дека во државава компаниите нудат 7.362 слободни работни места. Од нив најмногу, 1.541, се во туристичката дејност (административни и помошни услужни дејности) и во преработувачката индустрија, 1.333. Како најбарани занимања од страна на компаниите, пак, според Агенцијата, се продавачи (622), општи работници (410) и хигиеничари (374).
Последните податоци од Државниот завод за статистика за вториот квартал од годинава, пак, покажуваат дека имало вкупно 150.141 невработен, од кои 24.502 се млади на возраст од 15 до 24 години, а 93.429 се на возраст од 24 до 49 години. Стапката на невработеност на првата група изнесува 37,8, а на втората група 14,9 отсто.

Маја Томиќ

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1