ММС

Објавено на: 10/7/21 2:05 PM

СЗО ни достави 5 носачи на вакцини и 1.250 тестови и реагенси за секвенционирање на вируси

Од СЗО денеска беа доставени до Институтот за јавно здравје 5 носачи на вакцини и 1.250 тестови и реагенси за секвенционирање на вируси. Тоа ќе придонесе за ефективен одговор на ковид-19 во Северна Македонија. Како интегрален дел на складирањето на вакцините во ладен синџир, носачите претставуваат кутии со изолација што се користат за транспорт на вакцини и разредувачи до локации на терен, како и за привремено складирање во текот на имунизацијата во здравствените установи, со што се одржува потребната температура за складирање и се задржува квалитетот на вакцините.

„Носачите на вакцини во голема мера ќе придонесат за подобрување на националните капацитети за складирање на вакцини и значително ќе ги поддржат нашите напори за дистрибуција на вакцините против ковид-19. Изразуваме голема благодарност за помошта на СЗО во справувањето со сите комплексни аспекти на пандемијата“, рече Венко Филипче, министерот за здравство.

Џихан Тавила, претставничка на СЗО истакна дека: „Подобрувањето на инфраструктурата на ладниот синџир ќе помогне  вакцините против ковид-19, така и редовните вакцини, да стигнат до оние на кои им се најпотребни. СЗО ги поддржува и сите други аспекти за зајакнување на имунизацијата и градењетo на капацитетите на работниците во јавното здравство“. Таа додаде дека, заедно со јавно-здравствените и социјалните мерки, како што се следењето на контакти, физичкото дистанцирање, употребата на маски и миењето раце, вакцинацијата против ковид-19 е најефективното средство против пандемијата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1