ММС

Објавено на: 10/7/21 10:17 AM

Политичките партии доцна се сетија, лицата со попреченост пак нема да гласаат – Со Благица Димитровска за измените во Изборниот законик

Со неодамнешните измени на Изборниот законик, правото на глас може да го остваруваат и граѓаните со одземена деловна способност. Вака е на хартија, но претстојните локални избори ќе покажат колку тоа ќе се спроведе во пракса. Претседателката на невладината Инклузива, Благица Димитровска која со години го следи овој апсект на изборните процеси смета дека годинава тоа сепак нема да биде овозможено. Сепак, ваквите измени според неа, се чекор напред во инклузивноста на процесот на гласање.

Со Димитровска разговараме за пристапноста на гласачките места, за можностите за гласање на граѓаните со оштетен вид и колку лицата со попреченост воопшто се застапени на листите за советници.

-Во однос на пристапноста нема многу промени. Ние ги следиме изборите, а последните беа во 2020 година, кога Државната изборна комисија повеќето гласачки места ги спушти на приземје, нешто што го баравме во претходните препораки. Но тоа сепак не беше така поради лицата со попреченост туку поради пандемијата со ковид-19 за да може гласањето да биде во попространи простории. Се гласаше во спортски сали, но повторно над 70 проценти од гласачките места беа непристапни – констатира Димитровска.

-Дополнително, овие објекти беа позафрлени отколку училиштата и пристапот до нив беше многу полош, така што повторно лицата со попреченост имаа големи проблеми.  Во училиштата ако е пристапно од надвор, но дури и ако е поставена рампа, таа е со голема косина и повторно не може да се каже дека тоа е пристапен објект. Внатре во училиштата има скали, за да дојде до гласчакото место едно лице со попреченост повторно не може, а дополнително на сите избори се гласа на гласачки места на кат каде што нема лифтови. Сега е актуелна и инклузијата во образованието и ние се прашуваме како дечињата со попреченост ќе пристапат до својата училница? Значи не се работи само за образованието туку и за други права – додава Благица.

Што значи ваквата непристапност демократскиот аспект на изборниот процес? Дали ова го загрозува гласачкото право пред се’ на лицата со телесна попреченост?

Отсекогаш ова право било полно со предизвици за лицата со попреченост. Ако за лицата со телесна попреченост е оневозможен пристапот, тогаш тоа е и за лицата со визуелна попреченост, односно лицата кои се слепи. За нив нема ниту патеки ниту некоја звучна сигнализација која ќе ги предупреди дека има скали или такво нешто. Односот кон лицата со телесна попреченост и со визуелна попреченост во однос на пристапноста е речиси иста.

Правото што го остваруваат повеќето е човек со придружба, но не секој човек може да најде придружник ниту има за секој асистент. Така што, за повеќе лица ова право е полно со предизвици.

Вие јавно предлагавте изминативе години модел на гласање за лицата со оштетен вид? Дали заживеа таа идеја?

Беше направен модел во соработка со ДИК. Ние ја дадовме спецификацијата за шаблон на брајово писмо, но тој шаблон е направен според еден универзален дизајн кој се користи во светот. Шаблонот има отвори кај бројките каде лицето кое е слепо може пенкалото да го спушти да заокружи иако не го познава брајовото писмо. Само 20 проценти го знаат брајовото писмо. Така што, направен е за нив, но може да го користат и постарите луѓе или кој било со послаб вид. Проблем беше што избирачките одбори не беа доволно запознаени со таа алатка и на многу малку гласачки места им соопштуваа на тие лица дека постои таква можност.

Се направи и граничник за потпишување. Граничникот за потпишување се користи за лица со телесна попреченост кои имаат премор на раце, церебрална парализа и лицето слободно може да не излегува од линијата и да се потпише.

Сепак, овој граничник ние препорачавме да го користат сите граѓани затоа што често се случува при потпишување гласачот да погреши на која линија да се потпише.  Од минатата година забележавме дека на секое гласачко место се користи, но имавме забелешка бидејќи е проѕирен и многу малку се познава, па се губи формата каде што треба да се потпишат.

Ветија од ДИК дека годинава ќе биде во некоја нијанса.

Реагиравте ли во врска со неинформираноста за ова, очекувате ли на претстојните избори да има некоја позитивна промена?

Секоја година од 2017-та па навака, ДИК подготвува шаблони и граничници за секое гласачко место. Не можеме да кажеме дека институцијата не го подготвила тоа. Побаравме минатата година обуките да траат малку подолго за да се посвети повеќе внимание.

Во Прирачникот за избирачките одбори веќе е објаснето за овие две алатки, но и обуките се со подолг период па се објаснува повеќе зошто служат тие шаблони и како да се користат.

Дали оваа година ќе имате повторно набљудувачи?

Оваа година нема да имаме набљудувачи, годинава ќе следиме колку се спроведува она што заеднички сме го изготвиле со институцијата во однос на препораките кои сме ги дале, ќе следиме дали ќе се користат. Ги следиме и обуките, па набљудувачи на терен нема да имаме оваа година.

На што поконкетно ќе се фокусирате? Дали ќе се следи користењето на шаблоните, дали пристапноста на гласачките места или можеби нешто друго од прашањата за чие решение се залагате?

Најмногу се залагавме за измените во Изборниот законик, каде што на една категорија граѓани им беше одземено правото на глас, а тоа се лицата со одземена деловна способност.  Лицата со одземена деловна способност се бришат од избирачкиот список како да не постојат. Јас бев член во работната група за измени и дополнувања на Изборниот законик која работеше од декември до март и посебно акцент ставивме на овозможување на ова право и за лицата со одземена деловна способност затоа што тоа е човеково право. Во Хрватска овие луѓе гласаат од 2013 година, сменети се и Уставот и сите закони кои го попречуваа тоа право.

Кај нас многу набрзина се донесоа измените во Изборниот законик, затоа што од работната група беа предадени на политичките партии кои до пред две недели воопшто не најдоа време да ги донесат измените, но сега се донесени. Дадено е правото на глас на оваа категорија луѓе, но нема објаснето каков документ треба да достават за да добијат право на глас. Избирачкиот список се затвори утредента по донесување на измените. Како овие луѓе ќе може да гласаат и дали воопшто ќе гласаат?

Со оглед дека оваа измена е од пред неполн месец, сметате ли дека има простор за имплементација? Како воопшто гледате на ова ново законско право?

Мислам дека надлежните немаат време овој пат бидејќи изборите се многу блиску. Тука треба да се направат многу работи,  поврзани се многу институции, на тие луѓе со решение им е одземена деловната способност. Сепак е нешто позитивно, за првпат влезе во Изборниот законик. Сега и да не може да гласаат, имаме многу работа околу застапување на другите измени кои треба да се направат за да навистина си го остварат правото на глас.

Ова е една револуција во Изборниот законик и во избирачкото право на овие луѓе кои беа обесправени. Сметам дека ќе имаме време понатаму да размислуваме по тоа прашање.

Со оваа измена и на лицата со одземена деловна способност им се дава право на избор. Многу е брзо донесена, а утредента веќе се затвори избирачкиот список. Јас сметам дека нема да има време да се овозможи. Како да ги внесат на списокот кога тој веќе е затворен…

Каков е Вашиот впечаток за тоа колку нашите сограѓани со попреченост се на списоците за да влезат внатре во советите и од таа позиција да се борат за поголема инклузија?

Досега ние како што ги следиме изборите во нашата држава, 2017 кога беа локалните избори имаше три лица на листи на советници, од кои ниедно не влезе. Едно лице беше во Крива Паланка, едно во Брвеница, едно во Прилеп. Тие добија позиција на „дното“, однапред се знаеше дека немаше да се изберат. А сега следиме и според нашите првични информации има шест лица на листите за советници. Од нив три се носители на листа. Тоа е голем напредок за овој краток период од едни до други локални избори. Тие лица треба да влезат, а и другите тројца се на многу повисоки позиции. Досега толку имаме информации, а може има и повеќе. Во следниот период и тоа ќе го следиме.

 

Вања Мицевска

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1