ММС

Објавено на: 10/6/21 2:59 PM

„Ти си на ред! Излези, гласај!” – ДИК преку кампања ќе ги едуцира граѓаните за нивните гласачки права

„Ти си на ред! Излези, гласај!” – е насловот на кампањата која ја почна Државната изборна комисија во пресрет на локалните избори. Целта на кампањата е гласачите да се едуцираат за нивните гласачки права.

Кампањата ќе вклучи и едукативен караван, кој ќе ги посети голем дел од градовите низ нашата држава. Караванот ќе почне од Тетово, па Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Струмица, Штип, Скопје, а ќе опфати и дел од другите општини, и ќе се реализира во согласност со протоколите за заштита од ковид-19, соопштија од ДИК.

Оттаму информираат дека во пресрет на караванот, на плоштадите во општините кои ќе бидат посетени ќе бидат делени едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за едукација за нивните гласачки права и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место.

-Оваа година, првпат се воведува и новиот начин на идентификација на гласачите, со употреба на уредот за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ), кој има за цел да го унапреди процесот преку дигитализација и автоматизирање на дел од постапката за гласање. Уредот за биометриска идентификација на гласачите ќе го чита отпечатокот од прстот на секој гласач и ќе бара совпаѓање со отпечаток на прст од електронскиот избирачки список со цел да потврди совпаѓање, – појаснуваат од ДИК.

Државната изборна комисија информира дека преку овој караван, но и преку целата едукативна и информативна кампања што ја реализира, има за цел да упати апел кон сите гласачи, дека и овогодинешните избори ќе бидат фер, демократски, сигурни и безбедни.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1