ММС

Објавено на: 10/6/21 10:30 AM

ВМРО-ДПМНЕ бара итна собраниска седница за разрешување на Филипче и Хасани

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива за свикување на итна седница на Собранието согласно член 67 и член 68 од Деловникот, со две точки на дневен ред Одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и Одлука за разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани, соопшти денеска пратеникот Антонио Милошоски.

-Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која што е резултат на неодговорноста на власта, рече Милошоски.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нивните очекувања се дека претседателот на Собранието согласно членовите 67 и 68 ќе ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаат дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши.

Милошоски потсети дека во Романија пред пет дена се случи пожар во болница со загубени пет човечки животи и оти таму падна целата Влада.

-Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелегенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на Филипче, министер за здравство, рече пратеникот.

Затоа, како што потенцира, ВМРО-ДПМНЕ смета дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ, за жал, изгоре со тетовската модуларна болница, со која што изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции кои што треба да се грижат за здравјето на граѓаните.

-Гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт, рече Милошоски.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1