ММС

Објавено на: 10/6/21 8:45 AM

Во пикот имаше по 1000 лица дневно, сега едвај 100 – Паднаа бројките, падна и интересот кај тетовци за вакцинација

Драстично е намален интересот за вакцинација во Тетово последниве неколку недели. Во пикот на четвртиот бран кога имавме и над 1000 лица кои се вакцинираа на дневна основа, сега едвај 100 лица се одлучуваат да се имунизираат. Во моментов вакцинација и ревакцинација се одвива во објектот на Музејот на тетовскиот крај, или поранешен Дом на Арм и во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“. Поради намалениот интерес, пункот во село Порој се затвори, а тој кај тетовската жичара и воопшто не профункционира.

-Последниве неколку недели трендот е драстично намален, тоа се должи пред се на фактот на тоа што, тие што сакале да се вакцинираат се веќе вакцинирани, а и падот на новозаразени, има влијание на падот на побарувачката за вакцинација. Ние започнавме и со трета доза за здравствените работници, за лица над 60 години и лица со хронични болести. Во јули месец имавме 20 проценти на имунизирани и тој процент до почетокот на септември го зголемивме над 40 проценти, рече рече Борислав Јоргаќиевски директор на Здравствен дом Тетово.

Доктор Лиридон Диша денес ја прими третата доза вакцина

 

Доктор Лиридон Диша кој вчера ја прими третата доза на вакцината Фајзер, апелира граѓаните што поскоро да се заштитат, зошто доаѓа период на студени денови кога луѓето повеќе седат во затворени простории, така вирусот повеќе се шири.

-Апел до сите граѓани што повеќе да се вакцинираат, за да ја победиме болеста. Вирусот е се уште помеѓу нас. Треба да дојдат и да се вакцинираат, рече доктор  Диша, кој работи и како доброволец во пунктот за вакцинација во објектот на Музејот на тетовскиот крај

И неговиот колега доктор Зоран Митревски, апелира на што помасовна имунизација.

Доктор Зоран Митревски, апелира на што помасовна имунизација

-За до добиете колективен имунитет посебно за делта сојот треба да биде над 85 % од населението имунизирано, сега за сега не знам колку време ќе ни треба за да дојдеме до тој процент. Во секој случај моја препорака е носете маска и дистанца, вакцинацијата не ве штити 100 %, таа е само еден дел од заштитата од ковид, рече доктор Зоран Митревски.

Во двата пункта за вакцинација и ревакцинација во Тетово, на располагање ги има сите видови вакцини, а граѓаните слободно без да закажуваат термин можат да дојдат да се имунизираат.

(З.Д.)

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1