ММС

Објавено на: 10/5/21 4:15 PM

Мицотакис е другар со Макрон, фаќав врски да ни помогне за ЕУ, рече Пендаровски

Специјално за ММС од Атина, Орце Костов

„Грчкиот премиер Мицотакис е навистина голем пријател со францускиот претседател Емануел Макрон. Бидејќи се другари, фаќав врски преку Мицотакис за да ни помогне Макрон во евроинтеграциите“, се пошегува македонскиот претседател Стево Пендаровски на неформалната средба со новинарите.

Но, шефот на државата не се шегуваше кога рече дека го замолил грчкиот премиер на денешната средба да и помогне на Македонија при формалните и неформалните разговори со земјите-членки на Самитот на Европската унија за Западен Балкан кој утре ќе се одржи во Словенија.

– Она што ми беше посебна тема за разговор со господинот Кирјакос Мицотакис е неговото учество на Самитот Европска унија Западен Балкан. Го замолив Мицотакис да ни помогне при разговорите со ЕУ и земјите членки кои се уште се скептични, освен Бугарија, во процесот на почнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ – рече Пендаровски на средбата со новинарите во просториите на македонската амбасада во Атина.

Меѓу редови ова значи дека навистина постојат неколку земји што се уште се сомневаат во процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, односно во почетокот на преговорите со Македонија кои и онака се блокирани од Бугарија.

Во однос на спорот со источниот сосед, Пендаровски рече дека треба да се реши билатерално, но она што очекува од европските сојузници и посебно од Грција е да направат атмосфера во која ќе може побрзо да се дојде до решение кое ќе ја крене рампата до крајот на годината.

– Во однос на Бугарија, сите сметаме дека спорот со Софија треба да се реши билатерално, а другите земји треба да направат атмосфера. Добив јасна заложба од Мицотакис дека Грција досега го правела тоа и дека ќе го прави понатаму. Притоа спомна неколку влијателни политичари кои не се директно инволвирани во спорот со Бугарија,  кои ќе можат да и објаснат на ЕУ зошто Западен балкан генерално треба да се придвижува кон Брисел, а сега не се придвижува. Јавен факт е тоа. Две држави од шест преговараат десетина години и не се ниту до пола, две држави, ние и Албанија, праведно или неправедно, не третираат во ист пакет и поради оваа блокада од Бугарија, трпи и Албанија. А, тука се Косово и Босна и Херцеговина кои исто така си имаат свои проблеми – рече Пендаровски и додаде дека значајно е што словенечкото претседателство не губи надеж и сака да ја заврши целата работа до крајот на годината.

Пендаровски истакна дека Грција е меѓу најсилните поддржувачи на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази надеж дека утре во Словенија, заедно со многу други европски пријатели и Атина ќе го поддржи барањето на сите земји од Западен Балкан, а главно на Северна Македонија.

– Она што го бараме, не е да станеме членки преку ноќ, туку бараме да ни се даде шанса да започнеме преговори, а во продолжение ние и многу наши европски пријатели да ги финализираме сите пристапни делови, поранешни поглавја. Подготвени сме. Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, истакна претседателот Пендаровски.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на почетокот од средбата изрази задоволство за посетата, но и спомена дека ЕУ перспективата на регионот ќе биде една од темите на утрешниот самит во Словенија.

– Тоа е прашање за кое ќе имаме можност да разговараме утре во Словенија, во рамките на Самитот ЕУ- Западен Балкан. Драго ми е што нашата со билатерална соработка оди напред со стабилни чекори во енергетиката, одбраната, поврзаноста и меѓуграничната соработка, рече Мицотакис кој му потенцирал на Пендаровски дека токму економската соработка му е многу важна меѓу двете земји и таа треба да се продлабочува.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1