ММС

Објавено на: 10/5/21 1:01 PM

Инфлацијата се контролира, храната нема да поскапи 50 отсто, уверува Заев

Нема да има зголемување на цените на прехранбените производи до крајот на годината за 50 отсто. Инфлацијата се држи на ниво од 2,7 отсто годишно, додека цената на струјата влијае само со 3 отсто во крајната цена на производот. Ова го посочи премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање, што ќе преземе Владата во врска со предупредувањата на домашните компании за раст на цените на прехранбените производи до крајот на годината за 50 отсто, а како резултат на зголемените увозни цени на струјата.

„Не е точно дека во државава ќе се зголеми цената на храната за 50 отсто, затоа што струјата учествува просечно со 3 отсто во крајната цена на производот и не е главен индикатор. Исто така, инфлацијата во државата се контролира на 2,7 проценти“, изјави Заев, додавајќи дека Владата ќе ја следи состојбата и ако треба, ќе интервенира од државните стокови резерви, во координација со стопанските комори и синдикатите.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, во врска со предупредувањата на компаниите за нови ценовни шокови и раст е на цените на храната за 50 отсто, посочи дека Владата дополнително ќе се изјасни дали ќе донесе конкретни мерки откако ќе разговара со компаниите и ќе ги направи пресметките за евентуалните зголемувања на цените на прехранбените производи во земјава.
„Веќе е објавен тендер за набавка на јаглен за дополнително производство на енергија за потребите на домаќинствата и компаниите. Сега пред локални избори, не е момент да зборуваме за нови фискални мерки на Владата, прво ќе разговараме и ќе ги разгледаме состојбите“, рече Битиќи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1