ММС

Објавено на: 10/4/21 12:47 PM

Голем број од оние кои починале, имале повеќе од две хронични болести – тврди Филипче

Нови рестриктивни мерки засега не се планираат – информираше министерот, Венко Филипче. Тој вели дека се хоспитализираат се’ помалку пациенти, поради што се затвораат одделенијата кои до скоро функционираа како ковид центри. Тој соопшти дека според анализата на здравствените власти, околу 77% од новите случаи на зараза со корона и 79 отсто од хоспитализираните се невакцинирани. Министерот рече и дека голем број од оние кои починале имале повеќе од две хронични болести.

„Анализата ќе покаже и како се живеело со тие болести, како биле третирани, колку често се одело на преглед и на контроли.  Таа анализа ќе одземе повеќе време“, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бараат помош од СЗО за справување со кризата и на што се должи бројот на толку заболени и починати, тој рече секојдневно комуницира со директорот на СЗО на Европа.

„Овие случаи кои се тешки и имаат смртен исход, секојдневно ги комуницираме. Тоа се потешките случаи на механичка вентилација, на Инфективната клиника и во „Осми септември“. Разговараме за пристапот за лекување, за дијагнозата. Многу мал случаи по последните препораки, само најтешките се поставуваат на механичка вентилација. Концептот во меѓувреме се смени. Во однос на соработката со СЗО, апсолутно да. Ние сме во комуникација и јас лично  со директорот за Европа. Ова бара детална анализа на ситуацијата и на состојбата со хроничните болести, експертизата е добредојдена“, изјави Филипче.

Тој тврди дека вакцини има доволно и соопшти дека досега се вакцинирани 789 илјади граѓани. Според него, ситуацијата е стабилна бидејќи секој ден бројот на новодијагностицирани е скоро идентичен и е помеѓу 400 и 500.

„Но бројот на хоспитализирани пациенти се намалува насекаде низ државата.  Во болниците ширум државата, во клиничките болници и општите болници пациентите се сместени само во инфективните одделенија.  Клиниката за  ОРЛ и Болницата во Козле веќе се враќаат во нормала, значи таму веќе се празнат капацитетите и нема да се сместуваат повеќе пациенти. Во скопје останува хоспитализацијата на Инфективната клиника и на двете одделенија на приземје во старата Интерна клиника. Се одвива ротација на кадарот, околу 580 пациенти се вкупно хоспитализирани и тоа е тренд на намалување“, истакна Филипче.

 

(В. Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1