ММС

Објавено на: 10/5/21 12:21 PM

„Духовно, не материјално, тоа само во затвор ќе ги одведе“ – Какви книги читаат кандидатите за градоначалници?

Во екот на политичката кампања за Локалните избори 2021 година направивме анкета што читаат потенцијалните кандидати за градоначалници, односно дали имаат време да читаат и дали се воопшто љубители на пишаниот збор. Но, не го изоставивме и прашањето што би им препорачале на своите противкандидати да прочитаат. Кандидатите изјавите ги дадоа за потребите на емисијата „Стадион“ која се емитува секоја сабота на Радио Канал 77 и еве што рекоа:

Петар  Георгиевски – Камиказа независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од Левица
– Тесла го читам во последен момент, ме воодушевува од некои работи што ги читам. Тесла сигурно нема да го разберат. Еве за нив една полесна литература, Ошо, индиски милител, гуру и со него би било сосема доволно да почнат малку духовно да се воздигнуваат, а не само материјално. Бидејќи единствено материјалното само во затвор ќе ги доведе.

Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник на општина Ѓорче Петров од ВМРО ДПМНЕ
– Читам хартиени книги, читам дигитални книги, сега информациите ни се достапни преку различни канали. Ние тоа треба да го искористиме. Читам доста. На моите против кандидати би им ја препорачал книгата „Mindset“ од Carol S. Dweck, се со цел да видат дека фокусот треба да го стават на решавање на проблемите. И она што го мислиме и тоа и го правиме понатаму.

Стевче Јакимовски, кандидат за градоначалник на општина Карпош од ГРОМ
– Јас би им препорачал една книга од Моша Пијаде таа се вика „Избрани списи“ том 1, книга 4. Да видат на Конференцијата во Париз како Моша Пијаде се борел за Македонија, како се борел за македонците од Егејска Македонија, кои се аргументи и како предвидел се што ќе се случува и да видат моите против кандидати како тогашна Југославија на чело со Моша Пијаде во таа делегација ја спасуваат Бугарија да не плаќа репарации на Македонија и делови од јужна Србија. Се во интерес на коминтерната што ја имало се со цел за развој на тогашните социјалистични односи и да видат кој на кому му должи во историјата- дали ние на Бугарите или тие нам.

Душко Вескоски, кандидат за градоначалник на општина Карпош, СДСМ
– Ќе бидам искрен дека немав многу време за книги, но последна книга од која првите 50 страни ги прочитав е на Барак Обама биографијата, искрено им ја препорачувам на сите кандидати да видат што е дел од политиката, како треба да се движиш, однесуваш и што е она што треба да го извлечеш кога ќе излезеш од политика.

Констатнтин Георгиевски, кандидат за градоначалник на општина Охрид, СДСМ
– Последна книга која што ја читав беше „Меурот на стравот“ инаку омилена книга ми е како пасиониран планинар „На тенок воздух“ што ја препорачувам да ја прочитаат.

Ненад Коциќ, кандидат за градоначалник на Велес, СДСМ
– Секојдневно читам литература од областа на медицината, не верувам дека мојот противкандидат ќе го интересера. Еве тоа нека биде стручна литература од списанието „Лансет“.

Тони Михајловски, кандидат за градоначалник на Куманово, ВМРО
– „До Балчак“ е фимот кој што ќе им го препорачам на моите против кандидати да го погледнат, мислам дека многу ќе научат за сопствената земја и за нашата борба на македонецот.

Дарко Ристовски, кандидат за градоначалник  на општина Карпош, Левица
– Ќе им препорачам нешто од Александро Барико или Џек Лондон, нека го читаат.

Александар Димитријевиќ, кандидат за градоначалник на општина Ѓорче Петров од Левица
– Јас се занимавам со професија која што бара читање, порано имав повеќе време и за читање општа литература. Книга која што јас сум ја прочитал и ми оставила голем впечаток е „Калуѓерот што си го продаде своето ферари“ од Робин Шарма, многу практична книга и лесно читлива. Мислам дека не само кандидатите за градоначалници туку треба сите да ја прочитаат. Намерата на таа книга е да ни покаже дека не треба да брзаме таму каде секако ќе стигнеме и дека не треба да ги занемариме основните човекови вредности, за профит, интерес или за поголема успешност во работата.

Абен Таравари, кандидат за градоначалник на Гостивар, од Алијанса за Албанците и Алтернатива
-Книги, јас генерално читам професионална литература, меѓутоа последната книга која ја прочитав беше од Исмаил Кадарен еден познат албански писател, „Скршен април“ се вика. Убава книга за старите албански традиции

Горан Арсовски, кандидат за градоначалник за Град Скопје од Комунистичка партија на Македонија – Титови сили
– „Капиталиот“ од Карл Маркс.

(Г.Д.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1