ММС

Објавено на: 10/2/21 12:54 PM

Расте интересот кај младите за да бидат учители: Студиите и образовните реформи теми за дебата во Штип

Младите се сѐ позаинтересирани за професијата учител, за која интересот беше мал изминатите години. Оваа година сепак се бележи зголемување на бројот на студентите кои се заинтересирани за професиите одделенски наставник во деветолетките и воспитувач во детските градинки.  Ова денеска го посочи деканката на Факултетот за образовни науки при УГД-Штип, Емилија Петрова-Ѓорѓова на дебатата „Училиштето е огледало на општество”. Спред неа, академската 2021-2022 година наставата на овој Факултет ќе ја следат 110 бруцоши.

„Јас мислам дека за тоа многу е битна и атмосферата и целиот кадар, којшто несебично и работа и дава се’ од себе да не се чувствуваме само како факултет, како институција за да се добие диплома, туку да се чувствуваме како едно семејство и го пренесуваме тоа на нашите студенти. Тие и по завршувањето ни се обраќаат на нас за некој професионален проблем, а ги има за жал насекаде низ светот во Европа, во Америка, имаме наши студенти раководители на градинки во Чикаго, во Лондон и се надеваме дека ќе се подобри ситуацијата и ќе ги задржиме овие студенти, вели Петрова-Ѓорѓова“, истакна деканката на денешната дебата која Факултетот за образовни науки ја организираше со Здружението на одделенски наставници на Македонија, чија претседателка, Наташа Тодоровска  смета дека се’ уште е рано да се оцени новиот образовен концепт од прво до петто одделение.

Сепак, според неа добро е што училиштата сега мора да обезбедат модерни надгледни средства за наставата, а не како што било претходно, односно од дома си ги носеле.

„Сметаме дека реформата носи подобрување на воспитно-образовниот процес. Предизвиците се многу големи и условите во училиштата се дефинитвно различни. Ние зборуваме за училишта во рурални средини, со комбинирани паралелки до училишта со најсовремени услови и опремени за работа. Меѓутоа наставникот, посебно одделенскиот е секогаш прв во реформите и не се откажува, секогаш за добро на учениците и ги бараме најдобрите и најпозитивните работи во секоја реформа. Но, тука сме и да укажеме и на сите недостатоци и последици коишто би можеле да се поправат доколу има место и затоа сме дојдени да говориме“, истакна Тодоровска која 25 години е одделенски наставник во ООУ „Ѓорѓи Сугарев” во Битола.

Прашана колку новиот концепт на образование е добар и дали по еден месец од неговиот старт може да се даде првична оценка, Тодоровска со одговор дека се’ уште е рано, но како што вели била обучувач на над 400 колешки од различни градови. Во разговорите со нив прво што побарале е техничката поддршка за овој концепт, бидејќи искуството и знаењето го имаат. Дел од училиштата ја обезбедиле техничката поддршка, но има и училишта, кои се’ уште работат и ги обезбедуваат.

-Доколку сите училишта се опремени би било полесно да се зборува, секој почеток е тежок, тука е и поддршката што ја дава Здружението на одделенски наставници, а голем дел од нас учествуваме и во Програмите и во обуките и учебниците – посочи таа.

Тодоровска нагласи дека попредизвикувачки се реформите за наставниците и учениците од четврто одделение, кои имаат и дигитални учебници, електронски табли и како што вели за ова ќе има време за дискутирање, кое почнува и малку поетежнато за наставниците, кои мора да работат со техничка опрема, а сето тоа зависи и подготвеноста на општините.

Душица Јакимовска, која 25 години е учителка во кумановското село Романовце забележува дека иделани услови за настава нема и во одредени училишта во градските, а камоли да има во руралните средини.

-Меѓутоа се прават големи и огромни напори тоа да се смени, со тоа што се прават проекти и инвестиции во руралните средини. Така што имаме училишта кои се добро и квалитетно опремени и со елементарни услови за работа. Меѓутоа имаме за жал и запоставени рурални училишта, на коишто допрва треба да се работи, вели Јакимовска.

Денешната дебата во Штип се одржа по повод Денот на учителот, а воедно се одржа и првиот академски час за бруцошите од Факултетот за образовни науки при УГД-Штип.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1