ММС

Објавено на: 10/1/21 6:28 PM

На студентите им се олесни животот, добија  по 1.440 денари, МОН ги советува да си купат здрава храна

Министерството за образование и наука информира дека студентите кои аплицираа на првиот рок од повикот за субвенциониран студентски оброк, денеска на своите трансакциски сметки ги добија првите средства во износ од 1.440 денари. На 17 836 студенти исплатени им се вкупно 25,7 милиони денари. Исплатата е за периодот од 15 септември, кога стапи во сила законот со кој е регулирано ова право, до 1 октомври 2021.

– Денес студентот го добива потребното внимание од државата и вистинската вредност и место во општеството. Затоа што младите, односно младите полни со знаење и желба за работа, за поставување и остварување цели, се иднината на земјата. Вие сте тие кои треба постепено да ги преземате улогите на повозрасните, а за што треба да бидете добро подготвени и опремени со најважното оружје за остварување на личниот потенцијал – знаењето“, истакна Царовска.

Дополнително, додаде министерката, за прв пат воведено е и ново системско решение – субвенциониран студентски оброк кое предвидува доделување на средства кои препорачуваме да се користат за купување здрава храна и кои се во месечен износ од 2400 денари, а се исплаќаат за 9 месеци во годината. Информираше дека ова право веќе го остварија над 18 илјади тековни студенти, за што во текот на денешниот ден ќе се реализира и првата исплата од вкупно 26 милиони денари кои ќе се префрлат на сметките на студентите, а потсети и дека во тек е вториот рок за пријавување на студенти од прва година, како и за оние кои ги исполнуваат условите, но не успеале да го остварат правото при првиот рок.

МОН соопшти дека исплатата ќе продолжи да се реализира согласно одредбите од Законот за субвенциониран студентски оброк, односно во првата недела од секој тековен месец, а ќе се однесува на изминатиот месец, со цел да се провери статусот на студентот, односно дали тој и натаму ги исполнува условите за користење на правото на субвенција, препорачана за купување здрава храна.

Во тек е вториот рок од Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк кој трае до 31 октомври и се однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние кои ги исполнуваат условите но не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок, наведува МОН.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е само електронски, преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

– Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари девет  месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година, потсетува МОН.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1