ММС

Објавено на: 09/27/21 8:56 AM

Со повеќе посети во заштитените подрачја до помалку нелегални активности: Посетителите може да ги пријавуваат недозволените дејства

Зголемениот број на посетители во заштитените подрачја помогна да се намали бројот на нелегални активности – тврдат од здружението Натура МК, од каде наведуваат дека токму туризмот е еден од начините за следење и откривање на нелегални активности во високопланинските предели. По повод Светскиот ден на туризмот, 27-ми септември, порачуваат дека со се’ поголемиот број на посетители во заштитените подрачја, меѓу другото, се намалува и нелегалниот лов.

„Примерно во НП Галичица е забележано дека во последните 2 години поради зголеменото присуство на туристи на Стара Галичица, кон врвот Магаро, нема веќе случаеви на лов на дива коза со пушка“, велат од Натура МК.

Сепак, оттаму предупредуваат дека бројот на посетители треба да соодветствува со капацитетот на подрачјето за да се избегне потенцијално загрозување на живеалиштата на локалните животни поради прекумерен туризам.

„Заштитените подрачја се потребни за да се зачуваат живеалиштата на дивите видови, пред сѐ преку ограничување на човековото влијание. Одговорниот, односно еко-туризмот помага во заштитата на природата преку едукацијата која се прави на посетителите. Но, туризмот во заштитените подрачја колку што може да биде корисен, може и да штети. Имено, прекумерниот туризам, особено масовниот туризам пак може негативно да влијае на заштитата, односно да предизвика вознемирување на дивите видови, па и да го загрози опстанокот на некои видови. Затоа е многу важно да се внимава на видот на туризам кој се практикува, односно посетителите да бидат соодветно информирани за значењето на заштитеното подрачје“, посочуваат од Натура МК.

Граѓаните – сојузници во откривањето нелегални активности

Одличен пример за тоа како граѓаните може да помогнат во откривање на нелегални активности е и случај што го посведочиле од велосипедскиот клуб „Еко дром“ од Охрид. Негови членови во неколку наврати во строго заштитените зони на Националниот парк „Галичица“ при рутински тренинг наишле на поставени замки наречени „примки“, кои служат за лов на диви животни. Тие ги отстраниле, а за случајот усно пријавиле до надлежната служба на Националниот парк „Галичица“.

Од „Еко дром“ Охрид ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат нелегални активности со цел да се зачува природното богатство во регионот.

„Со поголемо присуство на терен, љубителите на природата би можеле да придонесат за нелегалните дејствија кои се случуваат во планините, но секако може да се искористат и новите технологии за следење. Од голема важност и значење е едукација и поддршка од локалното население кои можат многу да придонесат за спречување на девијантните појави кои се случуваат во националните паркови но и на сите планини во нашата земја“, порачуваат од велосипедскиот клуб.

Националниот парк „Галичица“, пак, е првата ваква институција која одлучи својот приход целосно да го црпи од туризмот. Тие во изминативе години имаат воспоставено свој принцип за пријавување нелегални активности од страна на посетителите.

Кога станува збор за високопланинските предели во ова заштитено подрачје, како можни недозволени дејства, надлежните од Паркот ги посочуваат несоодветното одлагање на цврст и друг отпад, прошетка надвор од обележана патека, палење оган на недозволена локалција и слично.

„Посетителот кој би забележал вакво нелегално дејство во Паркот може да го пријави истото преку повеќе начини, и тоа: веб-страница со телефонски броеви на информативните центри во Охрид и Преспа, како и со поважни телефонски броеви (полиција, планинарска служба, пожарна и сл.). Мобилна апликација за Android и за iOS со истите можности. Официјална Фејсбук страница на Националниот парк Галичица преку постирање на пријавата на ѕидот на страната или преку опцијата за испраќање пораки во инбокс. Официјална Инстаграм страна на Националниот парк Галичица“, појаснуваат од НП „Галичица“.

На крај, останува можноста и за лично пријавување во просториите на Националниот парк Галичица во Охрид или Стење.

Поради тоа што Паркот располага со седум чувари, оттаму истакнуваат дека секоја пријава од посетител или жител на паркот е од големо значење за установата во справување со несакани и недозволени дејства.

НП „Галичица“: Чуварите ќе се обучуваат за поддршка на посетителите

Сепак, надлежните признаваат дека нивната чуварска служба не е доволно обучена да ги информира граѓаните за можностите кои ги имаат за постапување во случај кога ќе забележат недозволено дејство низ НПГ. Затоа, во согласност со Стратегијата за еколошка едукација, планираат во наредниот период да посветат поголемо внимание на обука на чуварите на паркот за поддршка на посетителите.

„Најчесто, за нелегалните дејства кои се случуваат во високопланинските пасишта пријавите се доставуваат до раководителите на Одделението за заштита на природата и Одделението за оддржливо користење на природните ресурси. Потоа, раководителот подговува Извештај за констатација по односната пријава во која ги приложува сите информации кои се добиени од пријавителот, фотографии и изјава за подготвеност за сведочење. Овој Извештај се доставува до Одделението за правни, еконмски и општи работи при ЈУНПГ од страна на раководителот кој го подготвил и до архивата на ЈУНПГ, а содржи препораки кои раководителот ги дава во поглед на постапки кои треба да се преземат (пријавување во МВР, поднесување кривична пријава, поднесување пријава до ЈО и сл.)“, појаснуваат од Паркот.

Но, надлежните од Паркот забележуваат дека според новиот Закон за заштита на личните податоци, не се советува сликање или снимање на лице како го врши нелегалното дејство, туку би било соодветно да се достават фотографии и/или видеа од местото после извршеното нелегално дејство.

Друг проблем на кој посочуваат од Паркот е дека откако ќе завршат нивните ингеренции, во повеќето случаи комуникацијата што следи меѓу нив и институциите е бавна.

„Исто така, треба да се истакне дека ЈУНПГ не го информира пријавителот за постапката која е опишана погоре, т.е. не испраќа официјален документ или порака со која би го информирала дека ЈУНПГ постапила по пријавата. Оваа пракса мора да се промени!“, дополнуваат од Паркот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1