ММС

Објавено на: 09/27/21 8:51 AM

Тесна битка за Берлин – Социјалдемократите го задржаа местото за градоначалник

Партијата СПД претходните 20 години имаше градоначалник на Берлин, но првите прогнози објавени синоќа им дадоа мала предност на Зелените.

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ја задржа функцијата градоначалник на Берлин, иако извесно време изгледаше дека Зелените ќе ја освојат, објавија конечните изборни резултати утринава.

Предводени од поранешната министерка за семејство Франциска Гифај, социјалдемократите освоија 21,4 проценти од гласовите во градот-држава, пред Зелените кои освоија 18,9 проценти и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) која има 18,1 проценти.

Партијата СПД го имаше градоначалникот на Берлин во претходните 20 години, но првите прогнози објавени синоќа им дадоа мала предност на Зелените.

Франциска Гифај за регионалното јавно радио РББ изјави дека ќе започне разговори со Зелените, но и со ЦДУ со цел да се формира стабилно мнозинство за управувањето со главниот град.

Покрај тоа, граѓаните на Берлин гласаа на референдумот што исто така се одржа вчера, со големо мнозинство од 56,4 проценти за „експропријација“ на групи за недвижен имот во кој има повеќе од 3.000 станови, покажуваат конечните резултати објавени денеска.

Сепак, тој резултат не е обврзувачки за Сенатот во Берлин, локалното извршно тело. Градските власти мора барем да го разгледаат прашањето политички. Референдумот се одржа по иницијатива на Берлинчани кои постојано се жалат на високите цени на становите.

Во главниот град, чија популарност се зголеми во последниве години, кириите се зголемија во просек за 85 проценти помеѓу 2007 и 2019 година, иако тие се уште се многу пониски од оние во Лондон или Париз.

Извор: Еспресо.ко.рс


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1