ММС

Објавено на: 09/25/21 11:00 AM

„Оди дома чувај внуци“ – Со Ана Петровска, кандидатка за градоначалник на Скопје за предрасудите, стереотипите, бетонизацијата, загадувањето…

„Оди дома, чувај деца“ – вака гласи еден од коментарите со кој се манифестираат родовите стереотипи во однос на политиката, а со кој неодамна се соочила доскорашната директорка на Инспектаротот за животна средина, Ана Петровска. Таа е една од малкуте жени кои решија да се „тркаат“ за градоначалничката функција на овие локални избори.

Петровска се кандидираше со поддршка од „Зелен хуман град“. Како што кажува и самото име, борбата за повеќе зеленило, а помалку бетонизација се најде во фокусот на нејзината визија за Скопје. На оваа и многу други теми меѓу кои и родовата еднаквост, Македонски медиа сервис разговараше со Петровска за да дознаеме што таа би сменила во градот ако ја добие довербата од граѓаните.

Бевте директорка на Државниот инспекторат за животна средина каде дојдовте од редовите на ДОМ. Партијата сега за градоначалник на Скопје го кандидира Бени Шаќири, кој вели дека сами му пришле. Како ја коментирате неговата кандидатура и од каде идејата да се кандидирате како претставник на иницијативата Зелен хуман град?

-Зелен хуман град ми пристапи и имајќи предвид дека ние споделуваме заеднички хумани вредности, визијата за Зелен хуман град всушност можеме заедно да ја реализираме, бидејќи Советот има една улога во градската администрација, а градоначалникот друга улога. Тој има извршна и советодавна улога, додека Советот ги креира градските политики. Тие две улоги на власта се клучни за промена и трансформација на Скопје зелен град. Во однос на кандидатурата на Арбен Шаќири од страна на коалицијата ДОМ и ЛДП можам само да кажам дека зелената агенда не е толку проминентна во нивната понуда, дека критериумот кој значи враќање на нормалното во градската администрација според мене, е важна работа, но не и пресудна за успешно водење и раковдење со еден ваков локален апарат.

Вашата работа веќе и е делумно позната на јавноста, но каква сте приватно? Што правите во слободно време?

-Јас сум мајка на два возрасни сина – едниот е биолог и заштитува птици, го знае секое гнездо на мршојадците, а неретко ние дома сме чувале болни и повредени птици со цел да можеме да ги вратиме во природа. Постариот син ми е економист којшто во моментот работи на енергетска ефикасност во индустријата. Мојот сопруг чува пчели и често одиме во викендица на наши пријатели во Чучер Сандево. Таму одиме со нашето куче Чарли Дарвин. Тоа се прекрасни прошетки во природа, се дружиме и имаме можност да почувствуваме каков благодет е зеленилото.

Како реагираше Вашето семејство кога дома соопштивте дека ќе се кандидирате за градоначалник?

-Во прво време не беа многу среќни затоа што се соочив со предизвици на мојата претходна работа кога бев неправедно разрешена од местото директор во Инспекторатот за животна средина, поради политичка пресметка. Моите најблиски сакаа да се повлечам и да си се посветиме на семејството, бидејќи политиката  бара многу голем ангажман и не сме заедно толку често колку што би сакале.  Откако ја прифатив понудата на Зелен хуман град како нивни претставник да се „тркам“ за позицијата на градоначалник на Град Скопје полека се промени атмосферата дома. Мислам дека моето семејство е задоволно што смогнав сили и храброст да се „тркам“ со кандидати од големи политички партии кои зад себе имаат машинерии. Ние во Зелен хуман град имаме многу ентузијазам, но тоа нема една таква финансиска поддршка како што имаат големите партии. Ние немаме многу финансии, но надоместуваме со нашата визија, позитивна енергија и мислам дека ова сега што го правиме може да им даде пример и надеж на граѓаните дека промените се можни.

Какви промени планирате да направите за да имаме повеќе зеленило, а помалку бетонизација?

-Ние имаме седум приоритети, од кои првиот е борбата против урбаната мафија и бетонизацијаta.  Тоа можеме да го направиме имајќи предвид дека Скопје сега е пред еден крстопат, каде е многу важно кој ќе застане на челото на градот бидејќи се изработува Генерален урбанистички план на Градот Скопје со којшто или ќе правиме повеќе паркови, ќе го растеретиме сообраќајот и ќе создадеме хумани соседства каде што сите функции на граѓаните се обезбедени на растојание од 15 минути одење пеш, или ќе продолжиме со загушување на градот, загадување на реките и воздухот и ќе никнуваат згради со кои ќе се дехуманизира просторот, ќе гледаме во спалните на нашите соседи и ќе ги сечеме сите дрвја. Значи имаме избор со ГУП-от навистина да го спречиме ова дивеење на урбаната мафија. Имаме и други приоритети. Едниот е управување со отпадот, при што мора да обезбедиме секој граѓанин да има достапно место да го остави својот селектиран отпад, да имаме рециклажни дворови, да ги исчистиме депониите кои се создаваат таму каде или граѓаните се несовесни или јавното комунално претпријатие не обезбедува добра услуга. Ќе се бориме за почист воздух и ние тоа знаеме како да го направиме имајќи предвид дека сум работела и во Министерство за животна средина и во Инспекторатот. Ги знам и мерките и политиките, меѓутоа знам и како со контрола да се санкционираат и загадувачите.  Секако, на граѓаните мора да им се обезбедат услови да се греат на еколошки горива, да им се овозможи да инсталираат фотоволтаици и  да добијат одредени олеснувања при спроведување мерки за енергетска ефикасност.

Урбаната мобилност е исто така многу важно прашање. Сообраќајот треба да обезбеди услови за што помалку граѓаните да кориситат лични автомобили, да имаат брз и ефикасен јавен транспорт, да имаат услови за велосипедско движење, пешачење, да бидат слободни тротоарите, да не се паркираат возилата за да може градот навистина да личи на едно место коешто е уредено и каде што има соодветна сообраќајна култура.

Се бориме и за дигитализација, за да можат граѓаните од дома да добијат услуги, да го намалиме она што значи дискреционо одлучување на службениците, сѐ со цел искоренување на корупцијата. Се залагаме за чист  Вардар, сакаме Водно да биде заштитено, сакаме сите простори кои во овој момент се напуштени објекти и не се користат, а некогаш имале и проблем со имотно-правните односи, да ги вратиме во интерес на граѓаните и таму да формираме културни центри, студентски градови,  да му го вратиме на Скопје идентитетот и да го засакаме уште повеќе.

Планирате ли кампањи за едукација на граѓаните, на пример, за селекција на отпадот? Се залагате ли за пристап со едукација наместо со репресија?

-Прва работа е да им обезбедиме услови. Едукација за селектирање отпад, а да немам каде да ја фрлам пластиката или хартијата, што тоа ќе значи? Сето тоа треба да се одработи и граѓаните да се едуцираат. Јас сум сигурна дека многу граѓани би селектирале отпад доколку би имале услови, а од друга страна начинот на самата селекција тоа е нешто во што може да помогнеме со едукација бидејќи тоа не е тешко и во прво време ќе треба да знаеме што смее,  што не смее да се меша, што значи бојата на контејнерот.

На советничката листа се забележуваат неколку имиња на активисти за заштита на животните, кој е вашот план во оваа насока за да има хуман третман на бездомните животни?

-Она што е најважно во моментот е да се зголеми ефикасноста и борјот на стерилизирани животни, бидјеќи на тој начин ќе правиме контрола на бројот на бездомни животни на улица. Меѓутоа, таа стерилизација треба да ја прават јавни институции, на пример „Лајка“, затоа што градот финансира и тие финансии треба да одат наменски. Значи, за стерилизација, а да се скрати периодот на престој на животното во стационарот од причина што тоа е прилично скапо. Значи масовна стерилизација и враќање на бездомните животни на улица, а вдомувањето да го прават оние активистички здруженија кои веќе имаат голема мрежа и знаат на каков начин тоа се прави. Значи стерилизација и вакцинација во јавниот сектор, вмрежувњето, вдомувањето во рацете на самите активисти. Тој граѓански-јавен сектор, тоа партнерство дефинитивно е рецептот за успех.

Нормално, градот нема надлежност да врши контрола врз одговорното сопствеништво затоа што знаеме дека бројот на бездомни животни се зголемува поради тоа што сопственици ги оставаат и пуштаат своите миленици. Секако треба да се плаќа за миленик кој има репродуктивен капацитет, во спротивно тоа треба да се стерилизира. На крај, многу е важно да се намали бројот на бездомни животни, да се контролира здравјето на оваа популација, а на тој начин да се едуцираат и граѓаните дека грижата за бездомните животни е важна. Од друга страна и институциите треба да си ја завршат својата работа.

Се планираат ли можеби и повеќе шелтер центри?

-Апсолутно „Лајка“ не е доволна, секако дека треба да се отвораат и други, но да се види и колкав е капацитетот на градот за тоа да се направи. Затоа велам, масовна стерилизација и вмрежување со организациите. За сите протагонисти во овој синџир има работа и тие мора да соработуваат, тоа е клучно.

Што како локална самоуправа во рамките на вашите надлежности би направиле во однос на заштита на жените од ранливи категории, како на пример, оние кои се жртви на семејно насилство?

-Повторно соработката со граѓанскиот сектор е клучна. Ние во овој момент сѐ уште немаме закон за социјално претприемништво, а  тоа претприемништво може да го обезбеди капацитетот за помош на жените кои се жртви на семејно насилство или пак, се самохрани мајки. Во секој случај тоа е нешто што градот може да го направи, но треба да се направат одржливи програми каде што жените би можеле да бидат и соодветно работно ангажирани. Тука треба да се вклучат и волонтери и психолошка помош со згрижувачки центар. Тука пред сѐ социјалното претприемништво и волонтерите може да помогнат, а градот би бил тука да им помогне на сите нив за да имаме што помалку ранливи луѓе.

Го споменавте граѓанскиот сектор, дали планирате некој фонд за негова поддршка?

-Мислам дека во Град Скопје постојат одредени фондови коишто помагаат граѓански организации, кои се активни во различни области, во областа на културата, на човековите права…Мислам дека тие фондови генерално треба да се зголемуваат. Тоа секако ќе зависи од буџетот на Град Скопје, меѓутоа активизмот, работата на граѓанските организации е исклучително важна за мобилизирање на граѓаните во носењето на одлуките и во учествувањето во јавниот живот. Граѓанските организации во секој случај треба да имаат поддршка.

Кога ќе се спомене Скопје неминовно е да ја споменеме старата скопска чаршија, како би ја зачувале автентичноста, а би придонеле за да заживеат занаетите?

-Занаетите изумираат, тоа не е нова работа. Секаде традиционалните занаети се соочуваат со тоа, меѓутоа јас се среќавам со претставници на Занаетчиската комора, ги слушам нивните проблеми и потреби. Секако, освен финансиската поддршка мора да најдеме и институционална, вмрежување со комори од регионот за размена на искуства. Тука постојат и европски средства, а мислам дека Град Скопје во овој момент не ги користи сите расположиви европски пари и парите од донаторската заедница кои можат да му бидат ставени на располагање на овој многу важен сегмент во општеството. Занаетчиите се мали трговци, тоа се семејни бизниси, тоа е она што ја храни буџетската каса и во секој случај таа поддршка секако им е неопходна.

Старата скопска чаршија е едно богатство што со години се еродира со интервенции на различни институции – Министерството за култура пред сѐ не смогна сили да ја заштити, Управата за заштита на културното наследство исто така. Се правеа штетни интервенции, имаше поплочување, Министерството за економија излезе со униформирање на дуќаните. Мислам дека тоа е спротивно на конзерваторските техники, на она што во современата конзерваторска пракса се прави со едни вакви културно-историски јадра. Имајќи предвид дека градот нема многу надлежности во оваа област, ние можеме само да предлагаме мерки. Јас мислам дека ќе го искористам капацитетот на стручните лица за да изработиме проекти, документи со кои ќе се наметнеме на другите институции за да го запреме времето. Да не дозволиме она што сега е кич и е одраз на невкус да се случува во оваа чаршија. Во однос на заштитата на културно-историското наследство во разговор со млади архитекти, конзерватори, луѓе кои долго работат со оваа област, има голем потенцијал Скопје да го  понуди културното наследство како ресурс за културен туризам. Градот Скопје впрочем има надлежност во делот на развивањето на туризмот.

Ние би сакале да направиме една програма и да ја понудиме на тур- операторите во смисла на нудење на едно јадро од културно – историски споменици кои се лоцирани север-југ-исток-запад почнувајќи од Саат кулата, Калето, Старата чаршија, Музејот на Град Скопје и Водно. Тоа е таа трансверзала која треба да се стави во функција на туризмот, но и соодветно да се заштити и промовира. Потоа одиме Скупи, Аквадуктот, се сечеме со Старата градска чаршија која е навистина срцето на културата и традицијата во градот и завршуваме со Тумба Маџари.  Има многу културни споменици коишто можеби во моментот не ги спомнав, тука е и „Пантелејмон“ и „Свети Спас“, остатоците од периодот на османлискиот период, но тоа богатство градот секако мора да го стави во функција и во соработка со сите надлежни институции да им ја даде грижата што им е потребна.

Се соочувате ли со родови предрасуди и стереотипи бидејќи сте решиле да се вклучите во политиката, како гледате на таквите коментари?

-Жените во политиката формално се рамноправни. Меѓутоа она што го гледаме во однос на застапеноста на жените во политиката не е доволно. Во моментот од 12 кандидати во Град Скопје, имаме две жени. Сигурна сум дека има прекрасни жени на кои не им е дадена шансата, а не им е дадена токму поради тоа што самите политички партии очекуваат дека граѓаните ќе имаат одредени предрасуди кон жени кандидати. Јас мислам дека тоа е една од причините што формално се залагаат и за квоти во Собранието, во другите јавни институции, меѓутоа јас мислам дека нема сили во политичките партии да предлагаат повеќе жени кандидати бидејќи се плашат дека граѓаните нема да им ја дадат својата доверба.

Има стереотипи. Дури и јас се соочив со еден коментар на Фејсбук „оди дома, чувај внуци“. Сепак очигледно голем дел од населението смета дека жената треба да се држи во домот и дека таму е нејзиното природно место. Јас мислам дека овие работи се менуваат, дека политичките партии грешат, а дека граѓаните се доволно свесни дека жените имаат капацитет, па дури за некои работи се подобри од мажите. Јас сум сигурна дека една жена градоначалник може за градот да направи многу повеќе отколку еден маж.

Какво е Вашето мислење за родово-одговорното буџетирање, ќе се најде ли ова прашање во приоритетите?

-Родовото буџетирање е законска обврска, но тоа во институциите се спроведува формално. Јас како државен секретар во Министерството за животна средина за првпат видов дека родово одговорното буџетирање е всушност една форма како да се прикаже дека навистина одредени трошоци ќе имаат позитивен ефект врз жените. Мислам дека многу е важно на жените кои се во ризик или жените кои се на пазарот на трудот, а немаат доволно услови за да добијат еднаков третман со мажите, треба да им е овозможи тоа. Родовото одговорно буџетирање е императив и тоа е една од првите работи со кои би се зафатила.

Предочивте дел од агендата со која ќе се борите во Град Скопје, но што би направиле за да се минимизира аерозагадувањето? Имате ли мапирано населби каде што е поалармантно и треба побргу да се делува?

-Знаеме дека индустријата има голем придонес во загадувањето на градот и тука имаме поделени надлежности со Државниот инспекторат за животна средина и општинските инспектори. Сѐ што значат средни и мали загадувачи, ние можеме постојано да бидеме на терен и да санкционираме. Јас имам искуство како се прави тоа од Државниот инспекторат, а инспекторите треба да си ја завршат работата кај големите загадувачи. Она што не можеме веднаш да го направиме, но ќе го направиме на некој среден рок, е да се интервенира во сите згради во сопственост на градот, да се инсталираат фотоволтаици, да се подобри енергетската ефикасност. Секако и депониите кои горат и стрништата што се палат, и тоа е нешто што може и мора  да се санкционира.

Во овој момент ние со стручни луѓе работиме и на подобрување на сообраќајните решенија. Прва работа што ќе треба да се направи е да се анализираат сите можности за оптимизирање на јавниот транспорт, затоа што користењето на јавниот транспорт ја минимизира потребата за користење личен автомобил и со тоа ќе  имаме помалку учесници во сообраќајот и загадување на воздухот. Значи индустријата, јавните згради, сообраќајот, но тука треба да бидат и домаќинствата. На нив треба да им се дадат некои социјални пакети, особено на оние што не можат да си дозволат еколошки горива. Некои од нив горат и отпад.

Исто така многу важно е и чистењето на оџаците. Тоа може да звучи малку недоволно, имајќи предвид колку е алармантен проблемот со загадувањето на воздухот. Оџачарството е еден начин за поефикасно да горат печките и на тој начин ќе има помалку емисии на загадувачки материи и од домаќинствата, а исто така и при чистењето може да се земат примероци од саги па да се види кој што гори. Така ќе може таму каде што ќе имаме сомнеж дека се гори отпад (мебел, пластика или слично) да се појде и со одредени опомени, едукации или помош за да се интервенира.

Во сите сегменти мора да интервенираме. Имаме проблеми со граѓаните коишто се исклучени од парно, тука имаме еден монопол на БЕГ, монопол во дистрибуцијата на топлинска енергија. Градот формираше градски енергетски систем којшто не може да си го поврати правото за управување со топлификациската мрежа, има некои правни спорови. Мислам дека тука треба еден правен тим да ги анализира овие работи затоа што не смее да се дозволи монопол во денешно време, а од друга страна да имаме мрежа и граѓаните да не можат да ја користат топлинската енергија која само се произведува, а се губи.  Ова е комплексно прашање. Сите досега велеле „не можеме, немаме пари“, јас мислам дека системски мора еден широк фронт да направиме и да го решиме ова прашање што  е можно побрзо.

Како ќе се борите против непотизмот, каква политика на вработување би воделе ако сте на чело на Град Скопје?

-Првата работа што мора да се направи е под итно да се направи функционална анализа на градската администрација и на администрацијата во јавните претпријатија и установи коишто се под надлежност на Град Скопје. На тој начин ќе видиме со колкав капацитет на луѓе располагаме, колкав е вишокот и како тој вишок соодветно да се распредели или пак да се искористи во функција на некакви услуги кои градот ги обезбедува. Сега не можам да дадам стратегија за тоа што ќе се прави со постојните луѓе кои се вработени. Знаеме дека има преголема превработеност токму поради влијанието на партиите. Што се однесува до нови вработувања ќе мора од таа функционална анализа да произлезе потребата од нови вработувања. Многу е важна политиката со човечки ресурси. Јас бев државен секретар во Министерството за животна средина и тогаш видов дека има можности и луѓето кои не биле доволно ангажирани, да се ангажираат за работни задачи коишто повеќе им лежат, за кои имаат повеќе компетенции. Некогаш луѓето се на работни места каде што не можат да се изразат.  Човечките ресурси се наука, тоа не е политика. Мора соодветно да се работи на компетенциите, потребите и квалитетот на услугите кои градот треба да ги обезбеди.

Вања Мицевска

Фото: Вангел Тануровски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1