ММС

Објавено на: 09/24/21 11:10 AM

Водата „Јана„ со вкус на портокал е отровна – Пијалокот е повлечен од македонските рафтови оти содржел етилен оксид

Поради присуство на етилен оксид во два пијалака од брендот „Јана“ во Хрватска се повлечени пакувањата од 1,5 литри затоа што ова соединение е штетно по здравјето на луѓето.

Деновиве хрватските медиуми открија дека се работи за безалкохолниот пијалок „Јана витамин портокал хепи“ во пластично пакување од 1,5 литар со рок на важност до 13 јануари 2022 година и во пакување од 0,5 литри во пластика со рок на важност до 20 јануари 2022 година.

Хрватската агенција за храна потврди дека овие два производи не биле во согласност со европските уредби за максималните нивоа на остатоци од пестициди во храната, а количините на етилен оксид во пијалокот се сериозен ризик по здравјето на граѓаните.

Пијалокот кој е произведен во фабрика во Загреб, а земја на потекло му е Словенија, го има и на рафтовите во македонските маркети, но од Агенцијата за храна и ветерина за ММС потврдија дека увозникот ги повлекол од промет ризичните пакувања по добиеното известување од производителот во Хрватска за присуство на етилен оксид.

„Операторот со храна ДПТУ АВТ Интернационал ДОО Скопје, како увозник на споменатите производи од брендот Јана, Jana Vitamin happy портокал од 1,5 литар  (со рок на траење до 14.01.2022 година) и Jana Vitamin  happy портокал од 0,5л (со рок на траење  до 20.02.2022 година), по добиено известување од производителот во Хрватска за присуство на етилен оксид во наведените призводи,  веднаш извршил повлекување на производите од промет“, рекоа за ММС од Агенцијата за храна.

Државните инспектори за храна извршиле контрола во магацинот на увозникот и констатирале дека производите се складирани на компанијата АВТ Интернационал и во текот на следната недела ќе бидат уништени на овластена депонија.

Етилен оксид е запалив безбоен гас на температури над 10,7 степени целзиусови кој мириса во етер во токсични нивоа. Се наоѓа во производството на растворувачи, антифриз, текстил, детергенти, лепила, полиуретанска пена и лекови. Главната употреба на етилен оксид е како хемиски полупроизвод во производството на етилен гликол.

Во помали количини е присутен кај фумиганти,стерилати за зачини и козметика, како и кај болничка стерилизација на хируршка опрема.

Од АХВ велат дека присуство на етилен оксид во безалкохолните пијалоци не е дозволено затоа што секоја концентрација на соединението претставува потенцијална опасност по здравјето на потрошувачите.

„Максимално дозволените граници за резидуи од пестициди во храната, вклучувајќи го и етилен оксидот, се регулирани со Правилникот за резидуи од пестициди во храната, донесен во месец март 2021 година од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во овој правилник не е наведена максимално дозволена концентрација на етилен оксид во безалкохолни пијалоци, што значи дека неговот присуство во истите не е дозволено. Секоја концентрација на етилен оксид во безалкохолни пијалоци претставува потенцијална опасност по здравјето на потрошувачите“, рекоа од АХВ.

Овој Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во опднос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително потекло е усогласен со законодавството на Европската Унија.

На ова соединение најмногу се изложени работниците кои работат во медицински центри, печатарска индустрија, хемиска индустрија, производство на гума и пластика.

„Се проценува дека околу 46.900 работници во ЕУ потенцијално се изложени на етилен оксид. Примарните начини на потенцијална изложеност на човекот на етилен оксид се вдишување и голтање. Тоа е канцерогена супстанција (класифицирана во група 1 од IARC) која може да предизвика леукемија, канцер на лимфите и дојките.

Исто така се поврзува со спонтан абортус, генетско оштетување, оштетување на нервите, периферна парализа, мускулна слабост, како и нарушено размислување и меморија.

Во течна форма, може да предизвика сериозна иритација на кожата при подолг или ограничен контакт“, се вели во анализата на здружението „Мапа на канцерогени“ поддржана од Македонското здружение за заштита при работа.

Орце Костов

фото: mnovine.hr/journal.hr

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1