ММС

Објавено на: 09/24/21 10:10 AM

Граѓаните переле пари ама во машина – Лани се повлечени 6 милиони парчиња пари вредни 49 милиони евра

Лани се повлечени од промет 6 милиони парчиња пари дел книжни дел ковани, вредни речиси 49 милиони евра. Праксата покажала дека најмногу се уништуваат книжните „стоденарки“ „илјадарките“ па  „петстотките“.

Парите ги повлекува Народната банка бидејќи дел биле оштетени, а дел се несоодветни да се пуштат во промет. Од вкупната бројка пак лани околу 3.500 парчиња оштетени книжни и ковани пари граѓаните доставиле до Народната банка. Она што пак е општо познато е дека на добар дел од граѓаните им се случува да се досетат дека ги заборавиле парите во џеб, дури откако же ги извадат алиштата од машината за перење.

„Парите, особено книжните, не се повлекуваат од оптек само заради нивна оштетеност, туку и заради тоа што со тек на време ги губат неопходните карактеристики за соодветност за оптек со што завршува и нивниот природен животен век и оваа категорија на пари е доминантна во парите коишто се повлекуваат од оптек. Во текот на изминатата година како несоодветни, од оптек се повлечени вкупно околу 6 милиони парчиња книжни и ковани пари во вкупна вредност од околу 3 милијарди денари.“- велат од Народната банка.

Сепак поради пандемијата лани Централната банка повлекла од употреба помалку пари од 2019 година. Во просек околу 8 милиони парчиња книжни и ковани пари годишно се повлекуваат од промет.Праксата покажала дека повеќе се оштетуваат книжните пари со пониска вредност поради нивната голема фрекфенција, но тоа не е слулчај кај нас.

„Најниските апоени, од 10 и 50 денари се изработени од полимер којшто како материјал има значително подолг животен век од традиционалната хартија од којашто се изработуваат останатите книжни пари. Согласно со ваквата поставеност, во нашиот случај најмногу се уништуваат книжните пари со апоенска вредност од 100 денари, а после нив книжните пари со апоенска вредност од 1.000 и 500 денари.

Оштетените пари до Народната банка ги доставуваат банките и центрите за готовина. Тие се јавуваат со барање до централната банка за повлекување или враќање на книжни или ковани пари.

(А.С.)

Фото:  lolamagazin.com/http://business-magazine.ba/


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1