ММС

Објавено на: 09/23/21 1:26 PM

Фашистичкиот окупатор ја окупираше Македонија во 1941-та, рече Заев, но не кажа кој

Премиерот Зоран Заев призна дека целта во политичките преговори со Бугарија е да се избрише зборот „бугарски“ од учебниците и спомениците затоа што тоа било во европскиот дух на сфаќање на фашистичкиот период без додавање етничка боја.

– Фашистичкиот окупатор во светот нема етничка боја. Целта е да се избрише зборот бугарски, но ќе остане фашистички окупатор. Или ако има одредени други провокации кон нацијата, а не кон фашизмот и однесувањето во тој период, не можете да кажете дека градите добрососедство. Но, не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, како што не смее да се обвинува ниту германската, италијанската, ниту јапонската. Треба да бидеме ориентирани кон иднината. Зборувам и за учебниците. Во еден дел од учебниците е наше право и обврска  како ќе ги учиме следните генерации да го осудат фашизмот и да си ја учат сопствената историја во која припаѓа и фашистичката окупација на Република Македонија тогаш – рече Заев во одговор на новинарско прашање заборавајќи на лекцијата по историја дека во 1941 година не сме биле република.

Премиерот рече дека владата не и се мешала на историската комисија оти имале различни надлежности.

– Историската комисија досега работи на три историски периоди. Ние работиме на политичкиот дел кој се однесува на провокативност, иредентизам и неевропски манири. Именувањето како фашистички окупатор на Бугарија не е дел од работата на историската комисија. Таа го работи делот на историските личности, што се правело тогаш, кој каков револуционер бил, за што се борел, кој каков партизан бил во тоа време или припадник на фашистичкиот режим. Фашистичкиот окупатор ја има поставеноста во делот на структури, групи, цели лидерства. Ние и во Македонија сме имале соработници колаборационисти со фашистичкиот окупатор. Според мене не треба, а изволте јавноста нека каже, дека треба да изедначуваме цели етникуми со фашизмот – додаде Заев.

Запрашан кој ја окупирал Македонија во 1941 година, Заев не рече дека тоа биле Бугарите, туку фашистичкиот окупатор.

– Во делот на европеизација на нашата земја наше е дали ќе зборуваме за фашистичкиот окупатор кој што е факт или ќе даваме етнички карактеристики на фашизмот. Фашистичкиот окупатор ја има окупирано Северна Македонија или Македонија во тоа време – кажа Заев и додаде дека Македонија нема да и испорача ништо на Бугарија се додека источниот сосед не ни ја даде поддршката за почеток на преговорите со ЕУ.

 

О.К.

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1