ММС

Објавено на: 09/23/21 11:42 AM

Од понеделник почнува вакцинацијата со трета доза, најави Филипче

Имајќи ги предвид трендовите во делот на бројките и искуствата од другите земји, вчера имавме интензивни разговори и состаноци со дел од членовите на Комитетот на имунизација и тие донесоа нови препораки – информираше попладнево министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој соопшти дека се препорачува трета доза вакцина против ковид-19 и објасни за кои категории граѓани ќе важи оваа препорака.

„Се препорачува трета доза вакцина кај сите граѓани над 60 години, кај сите здравствени работници без разлика на возраста и кај сите пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба без разлика на возраста“, нагласи Филипче.

„Таа трета доза треба да биде од производителот Фајзер, ќе видиме  и ќе следиме понатаму дали ќе има и некои други препораки за други производители“, додаде министерот.

Третата доза, како што соопшти тој, ќе може да се прими најмалку шест месеци по примањето на втората доза.

„Кога ќе истечат шест месеци, граѓаните ќе добијат смс порака преку системот Мој термин и ќе бидат известени дека може да се јават за трета доза“ појасни Филипче. Посочените категории граѓани кои сакаат да се вакцинираат по трети пат за да се заштитат од коронавирусот, ќе се имунизираат со вакцината на Фајзер независно од кој производител е вакцината која веќе ја примиле со две дози.

„Нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина. Ние даваме препорака врз основа на препораките од други земји и меународните институции кои категории граѓани да се вакцинираат. Сите граѓани без разлика на тоа со која вакцина инијално се вакцинирани, може да се вакцинираат со трета доза. Овој процес ќе почне од понеделник бидејќи некои работи треба да се спремаат во електронскиот систем. Препораката важи брз разлика дали прележале ковид или не. Засега препорака има само за фајзеровата вакцина“, додаде Филипче.

 

(В.Ми)

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1