ММС

Објавено на: 09/22/21 1:38 PM

Не дај боже ако ни треба Итна помош, нема како да стигне до нас – Мештаните бараат алтернатива за Искрин мост

Мештаните од селата во Которлакот и денеска организираа протест, четврти пат по ред, поради алтернативниот пат кој се користи да се заобиколи мостот над реката Пчиња на магистралата Куманово – Свети Николе каде поради изместување на главниот носечки столб сообраќајот е во целосен прекин.

Барањата денеска мештаните ги испратија од друга локација, го блокираа самиот премин кон селото Шупли Камен, каде почнува алтернативниот пат.

– Апсолутно никој ништо не презема за ништо, ниту да се јави да праша, да дојде да се договори, никој, како да се глуви, немаат осет за ништо, има таму 15 села со 100-200 метри. Нашите барања се да се асфалтира овој пат и алтернативниот мост, да се стави патна сигнализација да знаат луѓето каде да одат, гледате дека и камиони константно минуваат тука, и камиони од каменоломот меѓу Орашец и Скачковце, си минуваат по алтернативниот пат и носат материјали во асфалтна база. Нон стоп се минува кај човек пред врата и по 100 камиони дневно, има прашина, тоа е страшно, утре одат дождови ќе дојде Пчиња ќе однесе се, вели Дејан Петровиќ.

Како што додава ако некому затреба Итна помош или пожарникари не можат да поминат.

Најтешко погодени се старите лица од селата кои нивните семејства од градот ги посетуваат за да им однесат храна и лекови.

– Сега имаме проблем со мостот, јас седам тука два-три часа, а мојот татко чека лекови, 90 години неподвижен човек, тоа што е таму направено е катастрофа, пред два дена го земат авотмобилот од мајстор каде дадов 250 евра, од дупки. Ако се сретнете со некое возило поставиле семафор, на една обична летва пишува Свети Николе, талкаат луѓе со бугарски и скопски регистрации се заглавиле во река. Ова е катастрофа, како да живееме во турско време, на што личиме ние, прашува Стојанка Петровска која протестираше денеска.

Децата не одат на училиште и учат онлајн, вели Орце Трајковски од Кучкарево, кој појаснува дека поради патот наставниците не можат да дојдат во училиштето во Орашец.

– Децата не одат на училиште, учат од дома онлајн, друго е кога се оди на училиште. Заради патот не одат наставниците. Не се знае кога ќе почне. Тоа е најважното, да го направат патот, доаѓа лошо време, снег. Треба да е означено каде да се оди,  вели Трајковски.

Протестот ќе продолжи и утре, кога мештаните ќе го блокираат патот во период од 9 до 14 часот.

 

Никола Ивановски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1