ММС

Објавено на: 09/22/21 1:31 PM

Тргнете ги рацете од училиштата, таму се и нашите и вашите деца, им порача Царовска на политичките партии

Откако општина  Илинден најави дека ќе набави брзи тестови за училиштата, министерката за образование и наука, Мила Царовска рече дека во моментов

нема потреба за други мерки освен оние што се утврдени од Комисијата за заразни болести

-Не станува збор за желби и можности, туку за препораки од здравствените власти. Ако Комисијата за заразни болести утврдила протокол и постапување, сметам дека сите општини и сите училишта треба да ги почитуваат. Ако тие не препорачале тестирање, значи дека тоа нема додатна вредност во даден момент. Доколку тие утврдиле дека има потреба, тогаш ќе го спроведеме во сите училишта, но во моментов останува да се почитуваат препораките што се дадени, а тоа е да има дезинфекција, мерење температура и проветрување на просториите, изјави Царовска одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на средното училиште „Ѓорче Петров” во Крива Паланка.

Во однос на критиките од опозицијата за ИТ-уредите (таблети) преку училишните библиотеки и за дигиталните учебници, Царовска одговори дека не гледа проблем во тоа што на учениците кои немаат дигитални уреди во своите домови и немаат финансии  да ги купат, училиштата ќе им ги обезбедуваат уредите на реверс.

Посочи дека во библиотеките има 20 проценти од печатените учебници и тие им се даваат само на ученици кои немаат услови за користење дигитални уреди зашто немаат електрична енергија во нивните домови.

– Минатата година се утврди дека такви ученици има 1200. Тие 12 години владееја со државата и не утврдија колку ученици немаат електрична енергија. Ние тоа го направивме за една година. Токму затоа, за 20 проценти од бројот на ученици во државата се испечатени учебници и се во библиотеките со цел учениците во училиште да имаат пристап до учебниците. Исто така, и учениците кои немаат дигитални уреди да ги земат за во своите домови,  рече Царовска.

Таа апелираше политичките партии да ги трнат рацете од образовниот систем затоа што образованието не разликува политичка партија.

– Таму се и нашите, и нивните деца, и сите ние работиме со една цел – подобрување на квалитетот на образованието кое е на очајно ниво. Тие не се трудеа да го подобрат и тоа го видовме во 12 години. Нема да застанеме заради нечии ситни партиски цели, туку ќе работиме во интерес на сите наши деца, додаде Царовска.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1