ММС

Објавено на: 09/22/21 11:45 AM

Министерот за здравство на Бразил позитивен на коронавирус на патувањето во ОН

Бразилскиот министер за здравство Марсело Кеирога е позитивен на коронавирус за време на официјалното патување со претседателот Жаир Болсонаро во Обединетите нации во Њујорк.

Тој ќе остане во карантин во САД, напиша Кеирога синоќа на Твитер.

Според извештаите на бразилските медиуми, тој е вториот член на бразилската делегација во Њујорк кој е позитивен на коронавирус.

Според прес-службата на претседателството, на која се повикува новинскиот портал Г1, тестовите на другите членови биле негативни.

Десничарскиот популист Болсонаро го намалува значењето на коронавирусот од самиот почеток и постојано зборува против употребата на маски и други рестриктивни мерки.

Вчера на отворањето на Генералната дебата на ОН во Њујорк, тој предизвика изненадување со изјавите за неговиот пристап кон пандемијата. На пример, Болсонаро ја пофали превентивната употреба на лекови чија ефикасност против коронавирусот не е докажана.

Шефот на државата неколку пати нагласи дека тој самиот се уште не е вакциниран против коронавирусот.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, испрати порака до Болсонаро, велејќи му да се вакцинира доколку сака да дојде во градот.

Во ОН важи „системот на чест“: секој што влегува во зградата на Обединетите нации во Њујорк, на пример, потврдува дека не бил позитивен во претходните 10 дена.

Во последните денови, Кеирога твитна, меѓу другото, фотографии со Болсонаро, неговата сопруга Микеле и претставници на инвестициски фондови.

МИА

Фото: agenciabrasil.ebc.com.br/


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1