ММС

Објавено на: 09/22/21 10:41 AM

Вртејќи велосипед, граѓаните сами генерираа струја за да гледаат филм во Градскиот парк во Скопје

Скопјани вртеа велосипед за да си произведат струја самите и да го гледаат документарниот филм A life on our Planet вчеравечер во Градскиот парк.  Со овие велосипеди тие произведоа чиста енергија без емисија на јаглероден диоксид, а до нив беа поставени лед мерачи со црвено-жолто-зелено светло како показател за тоа колку CO2 заштедуваат.

Проекцијата на филмот во необична атмосфера на отворено ја организираа еко активисти, кои изработија и еко-коцка на која со графити ги прикажаа последиците од климатските промени.

Претседателката на „Гоу грин“, Мила Јовановска вели дека преку ова, сакале да ја предочат важноста на индивидуалните активности за зачувување на животната средина.

„Настанот е поддржан од Британската амбасада и има за цел да даде практичен пример за тоа што значи 125 килограми CO2. Коцката претставува една осмина од еден тон јаглероден диоксид и според некои анализи, тоа е еднакво на две недели возење низ градот или 50 кг нерециклирана пластика, или пак, шест месеци комунален отпад. Преку тие примери покажуваме колку една индивидуа може да испушти јаглероден диоксид, кој е всушност и најголем причинител на климатските промени“, објасни Јовановска за Македонски медиа сервис.

Во текот на целиот ден, таа и останатите активисти правеа „тура“ околу еко-коцката за сите заинтересирани минувачи, а како што изјави Јовановска, тоа било особено интересно за децата.

„Цел ден правевме „тура“ околу јаглеродната коцка почнувајќи од лошата страна и последиците каде што ги гледаме пожарите, издувните гасови. Тие се нацртани се со графити. Потоа, прикажани се дрвјата како апсорбери на јаглеродниот диоксид со цел прочистување на воздухот, за да дојдеме до другата страна каде што се наоѓа слика на одржлива заедница, одржлив живот , каде возиме велосипеди, користиме енергија од обновливи извори, торбичка наместо пластична ќеса – значи прикажано е тоа што можеме лично да го направиме“, додаде Јовановска.

Македонски медиа сервис забележа и дека дел од граѓаните испишуваа свои пораки на еко-коцката согласно нивното мислење за тоа како самите може да придонесат за помалку јаглероден диоксид. Пораки оставаа и некои од поголемите деца, додека помалите оставаа отпечатоци од своите рачиња.

Генерирајќи чиста струја, велосипед во Градскиот парк вртеше и британската амбасадорка, Рејчел Галовеј. Таа во своето обраќање непосредно пред филмската проекција порача дека мора да се стави притисок врз владите ширум светот и особено младите преку своите активности да ги притиснат надлежните да дејствуваат.

„Климатските промени се глобален проблем. Во ноември во Глазгов ќе се одржи и Самитот за климатски промени.Ако тие не го имплементираат договорот кој го направија за да сопре глобалното затоплување и ако немаме повеќе идеи, ќе видиме се што видовме досега на краток рок“, изјави Галовеј.

Јовановска исто така потенцира дека на претстојниот Самит за климатски промени од државите ќе биде побарано да постават цели за тоа како би го намалиле производството на јаглероден диоксид за да се спречат климатските промени.

Токму малите активности според Јовановска, се многу важни, но сепак е потребна поголема гласност за да се разбуди интересот на државите. Во оваа насока е и содржината на филмот кој вчера граѓаните го гледаа под ведро небо во Градскиот парк.

Филмот е на Дејвид Атенбороу, познат истражувач на биодиверзитетот. Филмот зборува за тоа како човековите активности влијаат на нарушувањето на балансот на природата и како тоа на крај пак се враќа кај човекот и му штети.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1