ММС

Објавено на: 09/21/21 7:00 PM

Помалку политика, повеќе музика – Отворено со Мартинијан Кириловски, кој освои второ место на „Макфест“

Медиумите се како „ас во ракав“ за музичарите, иако сметам дека музиката е малку занемарена, а има премногу политика – вели  пејачот Мартинијан Кириловски. Младиот кумановец е дел од многумината млади пејачи кои решија да ја градат кариерата и надвор од Македонија, па го прашавме зошто е тоа така, односно што недостасува за да можат нашите музичари да бидат попрепознатливи за публиката тука?

„Мислам дека тука кај нас повеќе се гледаат тие регионални шоуа и затоа младите се одлучуваат на таков чекор. Од една страна тоа е океј за да те дознае народот, но од друга страна тука си го имаме и фестивалот Макфест, а мислам дека секој што ќе настапи на него, понатаму има отворени врати“ , вели Мартинијан.

Тој настапуваше и во рамките на регионалното музичко шоу Ѕвездите на Гранд, па вели дека домашната публика го препознава меѓу другото, и по тие настапи.

Мартинијан во интервјуто за Македонски медиа сервис истакна дека деновиве ќе престојува во Белград каде го очекуваат неколку телевизиски гостувања, а најави и дека ќе сними ново музичко парче на српски јазик. Последното на македонски пак, е „Вистина“ – темата со која изминатиот викенд настапи на Макфест во Штип и го освои второто место.

„За песната снимив и видео запис. Чекавме да ја претставам песната, да се симнам од сцена па да го објавиме. Инаку, видеото е снимено во Куманово со една млада екипа на момци од 18-19 години, но иако се млади, се многу талентирани и знаат што сакам“, изјави Мартинијан.

Тој додаде дека убави спомени го врзуваат за ова музичко збиднување, откако настапи како дебитант во 2013-тата година, а потоа во 2019-тата го освои и првото место.

„Кога доаѓам, секогаш сум под некаква фестивалска еурофија која ми носи позитивна енергија“, додаде младиот пејач.

Според него, „клучот“ за поголем музички просперитет е во настапите на поголемите настани.

„Мислам дека дојде такво време во кое сите кои се пејачи и сакаат да просперираат и успеат, имаат шанса која може да ги направи попопуларни, а тоа е пријавување на некое регионално шоу“, оценува Кириловски.

Со оглед на тоа дека музичарите беа доста погодени од ригорозните мерки воведени поради пандемијата, го прашавме колку бил продуктивен изминатава година.

„Јас извадив две песни на српски јазик и сега ова ми е трета за македонската публика, па сигурен сум дека ќе успее“, истакна тој.

За крај го прашавме дали и’ дава поддршка на Ивона Јовановиќ, која несебично преку социјалните мрежи споделува детали од нејзиното закрепнување по операцијата во Истанбул.

„Постојано контактираме со Ивона, можеби и секој втор ден. Можам да кажам дека и’ давам целосна поддршка бидејќи се знаеме од мали“, додаде Мартинијан.

 

Вања Мицевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1