ММС

Објавено на: 09/21/21 10:39 AM

Платил 400 евра за производ со фабричка грешка, а сервисот не сакал да му го замени – На потрошувачите им е преку глава од сервисите, по еден месец чекаат поправка

Забрзаниот раст на онлајн продажбата кој почна за време на првиот бран од пандемијата со ковид-19 не ги намали, туку ги зголеми и проблемите на потрошувачите, но и на специјализираните продавници.

И покрај растот на онлајн продажбата, физичката продажба не опадна, затоа што купувачите кои сакаат да потрошат поголема сума на пари сакаат и да ги разгледаат производите пред да одлучат што би купиле.

“Купувањето физички од продавници, сеуште е во голема мера застапено, особено кога станува збор за купување на прехрамбени производи, фармацевтски производи, производи од бела техника или технички апарати. Секако со зголемувањето на онлајн купувањето,  се намалува и бројот на купувачи коишто купуваат офизички, но сепак за определени производи се уште продолжува трендот на купување физички од продавница, а со самото тоа и проблемите на потрошувачите се повторно застапени“, велат од Организацијата на потрошувачи.

Потрошувачите најмногу се жалат од сервисите за одржување на производите кои ги пробиваат законските рокови и не извадаат сервисни налози.

„Купив конзола за играње игри која чинеше 24.000 денари. Производот беше спакуван, не го проверивме дали работи. Истиот ден забележав дека рачката за играње не работи и веднаш реагирав во продавницата. Оттаму се јавија во сервисот кој работи со брендот и рекоа дека требало да го испратам на сервис, а не да добијам нова рачка затоа што од купувањето не поминаа ниту 24 часа. Продавницата го испрати делот и јас чекав 30 дена за да ми стигне истата рачка која според нив била во ред. Повторно ја испративме на сервис и во меѓувреме реков дека ќе пријавам во инспекторатот. По ново чекање од 15 дена конечно ми стигна нова рачка која беше исправна. Значи платив 24.000 денари за производ кој не го користев месец и пол. Малкумина знаат дека за сервисите законскиот рок од 30 дена за отстранување на недостатоци почнува од денот кога ќе го добијат на лице место производот, а не од денот на поднесување на барањето од потрошувачот“, се пожали еден револтиран купувач.

Тој додаде дека можел да го спакува производот и да отиде во продавницата и да бара да му ги вратат парите затоа што се предомислил или пак сака да го замени за друго и да се повика на своето потрошувачко право, но не сакал да им направи штета на продавачите.

И од Организацијата на потрошувачи велат дека проблемот со сервисирање на производот од страна на овластените сервисери е се уште актуелен како проблем на потрошувачите кои најчесто не ги знаат своите права и обврски кои произлегуваат од Законот за потрошувачи.

“Потрошувачите најчесто чекаат долг рок откако ќе го пријават проблемот, сервисерот да дојде и го поправи производот, најчесто не им се издаваат сервисни налози и понатаму имаат проблем со остварување на законските права во делот на гаранција и сервисирање“.

Според нашиот закон, потрошувачот кој има валидна оригинална фискална сметка за приизводот, односно јасна сметкопотврда или фактура со заверена гаранција (ако се работи за техника) може да ги си ги бара своите права како што се враќање на пари или замена со нов производ.

„Трговецот или производителот е должен да го прими производот со недостаток од потрошувачот и да ги задоволи неговите барања, освен ако не докаже дека недостатоците на производот настанале поради повреда на правилата за употреба и чување од страна на потрошувачот, трети лица или виша сила. Потрошувачот има право да присуствува при проверката на квалитетот на производот. Доставувањето на производите погабаритни од 1м3, или потешки од 10 килограми, заради поправка, процена, замена или враќање на потрошувачот се остварува бесплатно од страна на трговецот“, се вели во Законот.

Законот вели дека купувачот треба да добие заменски производ кој ќе го користи за време на поправката на оригиналниот производ, но ниту една од продавниците за техника или алати не го почитува ова правило.

Колку за споредба, во западно европските држави кога потрошувачите ќе купат нешто, кое додека му трае гарацијата се расипе, го враќаат во продавницата, од каде тие го праќаат на сервис, а додека муштеријата чека робата да биде поравена од продавницата му даваат сосема нов. Ваква одговорност кај нас речиси и да нема.

Орце Костов

фото: cnbc.com

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1