ММС

Објавено на: 09/19/21 3:32 PM

(Галерија) Уникатна музичка приказна во Штип: Макфест го прослави 36-от роденден!

По триесет и шести пат, фестивалот на забавни мелодии Макфест испиша уникатна музичка приказна на кирилица. Традиционалното место на одржување, Домот на културата „Ацо Шопов“ овојпат беше заменет со новиот ресорт Аква Бела. Ова е втора година по ред како Макфест се одржува на отворено со цел поголема заштита од актуелниот коронавирус, откако лани се одржа на плоштадот „Слобода“ во Штип.

Во градот под Исарот одекнаа дваесет и шест нови композиции, во чија интерпретација публиката уживаше во две фестивалски вечери. Некои од музичките имиња кои настапија се веќе добро познати за јавноста, а меѓу нив имаше и дел од поранешните макфестовски победници, додека за некои настапот на фестивалската сцена беше само еден од темелите во градењето музичка кариера.

Како што и вчера објавивме, првата награда му припадна на младиот штипјанец, Александар Тодоров кој ги освои публиката и жирито со „Под исто небо“. Веднаш зад него со „Вистина“ се пласираше кумановецот Мартинијан Кириловски, кој во 2019-тата година го освои првото место со „Сто пати на ден“. Третата награда отиде во рацете на Марија Данева која настапи со „Твоја“. Штипјанката исто така ја доби наградата и за најдобар сценски настап, па емоциите ја совладаа и се расплака на сцената.

Пред да бидат прогласени победниците, Александар и Дац на втората фестивалска вечер и’ приредија вистинско изненадување на публиката интерпретирајќи го евергринот „Пушти коси ветер да ги носи“, кој со нивната преработка доби сосема нов и модерен звук.

На првата фестивалска вечер пак, додека се пребројуваа гласовите, на сцената настапи Tumbao salsa bend, препознатлив по музиката со латино ритам.

Тројцата најдобро пласирани изведувачи добија парични награди од по 5000, 3000 и 1000 евра во денарска противвредност. Новост годинава беше и водителското дуо Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ.

За првпат водители на Макфест беа Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ.

 

Текст:  Вања Мицевска

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1