ММС

Објавено на: 09/18/21 12:14 PM

Докторите од Клиниката за хематологија за три години направиле 190 трансплантации на матични клетки: Дарителите на коскена срцевина спасуваат животи!

„Дарителу, ти благодариме!” е слоганот под кој годинава се одбележува Светскиот ден на дарување на коскена срцевина – во чест на сите оние кои спасиле живот дарувајќи коскена срцевина, а со цел подигнување на свеста на јавноста за важноста на дарување коскена срцевина и влијанието на трансплантацијата на матични клетки  врз животот на пациентите.

На Универзитетската Клиниката за хематологија во Скопје, која е вклучена во одбележување на овој ден, во период од три години се реализирани 190 трансплантации, од кои седум хаплоидентични трансплантации и 22 трансплантации од несроден донор, што претставува најсложена интервенција, за која во минатото пациентите биле праќани на третман во странски центри.

-Сите пациенти заслужуваат шанса да бидат излекувани со трансплантација на матични клетки. Само неколку чекори се доволни за да спасите нечиј живот. Запишете се во националиот регистарот на дарители при Институтот за имунологија, оставете само една епрувета крв и станете потенцијален дарител на коскена срцевина. Трансплантацијата за многу хематолошки болести е единствен лек. Дарувањето коскена срцевина е комплетно безбедна процедура која спасува човечки живот, вели д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.

Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година.

Дарител во националниот регистар на дарители на коскена срцевина може да биде секој здрав човек на возраст од 18 до 50 години, само со доброволно дарување на 5 мл периферна крв, а со зголемување на бројот на доброволни дарители се зголемуваат шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите чии единствен спас е трансплантација на матични клетки.

– Стани и ти дел од големото семејство на доброволни дарители и спаси живот. Биди срцевина, биди херој, порачуваат од Универзитетската Клиниката за хематологија.

Светскиот ден на дарителите на матични клетки, 18 Септември е иницијатива на Светската асоцијација на дарители на срцевина, најголемата организација посветена на грижата за дарителите. Македонскиот регистар на доброволни дарители при Институтот за имунологија е признат член на оваа меѓународна организација.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1