ММС

Објавено на: 09/18/21 10:17 AM

Почнува фестивалот „Крушево низ корија”

Фестивал на отворено „Крушево низ корија” ќе се одржи денеска и утре во организација на Форумот за авангардна креативност од Прилеп, во соработка со Општина Крушево.

Фестивалот ќе се одржи по седми пат и во своите содржини ќе опфати кампување на Мечкин Камен со сите придружни содржини, планински велосипедизам, планинарска тура низ крушевската корија и тандем летови со параглајдер, при тоа придржувајќи се до пропишаните мерки и уредби од Владата.

Велосипедската тура ќе се вози утре на три патеки: мала МТБ тура „Крушево низ корија”, која е со должина од 15 километри и елевација од околу 300 метри (категоризирана како лесна тура за лица со нормална физичка подготвеност препорачлива за секој рекреативец), средна МТБ тура „Крушево низ корија” со должина од 30 километри и елевација од 700 метри (категоризирана како средно тешка тура 7/10 за лица со просечна физичка подготвеност) и голема МТБ тура „Крушево низ корија” со должина од 40 километри и елевација 1000 метри категоризирана како тешка тура.

Тандем летови со параглајдер ќе има во утре од 10 до 19.30 часот.

Во рамки на Фестивалот ќе се одржи планинарската тура на релацијата Мечкин Камен – Крушево, во должина од 14 километри, која може да ја изоди секој од 7 до 77 години. Во текот на турата ќе се посетат двата манастири „Св. Василиј” и „Св. Спас”. Турата ќе заврши во Крушево каде учесниците ќе можат да ги посетат културните знаменитости.

Фото:  Facebook

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1