ММС

Објавено на: 09/18/21 9:52 AM

Активни 13.008 случаи на корона, надлежните апелираат што поголем број граѓани да се вакцинираат

Бројот на активни случаи н ковид во државава изнесува 13.008 од кои најголем број 5798 се во Скопје. Во Тетово има 1051 активен случај, во Куманово 914, во Струга 656, во Охрид 653, во Гостивар 569, во Струмица 511, во Кичево 480… Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје, при направени 4.384 тестирање, регистрирани се 561 случај со Ковид-19, 29 починати и 507 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 186.010, бројот на оздравени пациенти е 166.606, а на починати е 6.396.

Вакцинацијата против ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со средата и во текот на вчерашниот ден, вакцинирани се вкупно 767.652 граѓани. Прва доза вакцина во средата и во четвртокот примиле 3.407 граѓани, а вкупно се вакцинирале 22.581 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.435.392 дози вакцини, а ревакцинирани се 667.739 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат, бидејќи опфатот е се’ уште мал. Тој забележа дека по секое воведување на нова мерка, интересот за имунизација расте, но потоа, по извесно време, се намалува.

Бројката на новодијагностицирани со kовид во моментов е слична на онаа од изминатите денови, а нема ниту зголемен број хопспитализирани деца. Дали ќе се менува нешто во образовниот модел, ќе се знае откако ќе биде готова експертската анализа. Резултатите од анализата за опфатот на вакцинацијата и возрасната група на дијагностицирани, се очекуваат во сабота и ќе бидат идникатор и за тоа дали евентуално ќе се предложат дополнителни мерки. Потоа, во недела или понеделник, се очекува состанок на надлежните.

Според Филипче, за задолжителна вакцинација е се уште рано иако не е исклчучено дека ваков потег ќе направат некои земји до крајот на оваа или идната година.

Во меѓувреме, како донација од соседна Бугарија во земјава пристигнаа вкупно 51.480 вакцини „Фајзер-Бионтек”, по што 30.000 вакцини беа дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум земјата, со цел да се обезбеди непречен процес на имунизација на населението. Иако рокот на важност на вакцините е до 30. септември, со постоечката дневна динамика на вакцинација, донираните вакцини ќе бидат употребени далеку пред истекување на овој рок, информираа од Министерството.

Инаку, препорачана возраст за имунизација со вакцината „Фајзер-Бионтек” е над 12 години.

Состојбата со ковид-19 и неговите мутации не се смирува и во другите земји каде се уште во сила се рестриктивни мерки.

Во четири региони во северниот дел на Грција, односно во областа Пиерија во која спаѓаат Катерини, Паралија, Неи Пори, Платамона и сл, во областите Иматија, Пела и Кавала од денеска е воведен полициски час од еден часот по полноќ до 6 часот наутро и забрана за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден, јави дописничката на МИА од Атина. Конкретните региони, поради епидемиолошката состојба се префрлени во црвената зона, а истите мерки се продолжуваат во уште две области, Арголида на Пелопонез и Евританија во централна Грција.

Сите вработени во државната администрација во Словенија ќе треба да се вакцинираат против Ковид-19, а негативниот тест за коронавирус веќе нема да им биде доволен за да дојдат на работа, како и за останатите невакцинирани граѓани, одлучи словенечката Влада.

Италијанската Влада донесе една од најстрогите анти-ковид мерки во светот, со која се бара од сите вработени во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест за коронавирус или потврда дека неодамна ја прележале болеста. Одлуката беше донесена на владина седница и треба да стапи во сила на 15 октомври.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1