ММС

Објавено на: 09/17/21 8:58 AM

Децата треба да листаат лекции на таблет, а не да играат видеоигри – МОН со нов совет до родителите на четвртоодделенците

„Она што треба сите да го знаеме кога зборуваме за новата Концепција, конкретно во случајот за четврто одделение, е тоа дека учебникот не е единствениот извор на стекнување на знаењата. Не зависно дали се користат дигитални или печатени учебници во фокусот на наставата треба да е интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот, настава со истражување, дискусија и креативно и критичко размислување“,  истакна Душан Томшиќ советник во Министерството за образование и наука во гостување во утринската програма на Сител.

Томшиќ ги повика родителите да ги поттикнуваат учениците да ги користат дигиталните материјали за учење затоа што таму има интересни интерактивни содржини, квизови и видеа кои низ игра го поттикнуваат учењето кај децата.

„Сите ние знаеме дека децата поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутери играјќи видео игри кои не се продуктивни, затоа би било добро, дел од ова време учениците да го поминат во пролистување на содржините на дигиталните учебници, со што ќе го повтруваат она што било предавано на часовите, но и на интересен и креативен начин ќе се стекнат со нови знаења“, рече Томшиќ.

Томшиќ посочи дека за децата кои се социјално ранливи семејства покрај општините МОН обезбеди 10.000 таблети кои им се даваат на користење, со цел на секое дете да му обезбедиме пристап до новите технологии и практикување на дигитални содржини, бидејќи тоа е реалноста. Исто така, МОН испечати 20% од тиражот на учебниците за 4 одделение и тие се доставени до училишните библиотеки. Овие учебници во печатена форма се наменети за учениците кои за жал немаат електрична енергија.

 

Извор: МОН


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1