ММС

Објавено на: 09/16/21 5:25 PM

Изборот на штипјани е чиста плананска вода од “Злетовица“ или река каде завршуваат одводните системи од цел Исток (видео)

Штип почнува со пробно користење на водата од Хидросистемот „Злетовица““, од која веќе десет години се водоснабдуваат граѓаните на Пробиштип и Свети Николе. На пробното пуштање на планинската вода, претходи долг процес на подготовка на системот на штипската филтер станица, која е градена за прифаќање на речната вода од Брегалница, како единствен извор на вода за пиење за штипјани. Со средства на владата од близу 6 милион евра, филтер станицата се прилагоди за прифаќање на водата од „Злетовица“. Иако со години стои изграден цевководот, која ја носи водата до Штип, пробното снабдување почнува дури сега. На овој долг процес кумуваа шпекулации за квалитетот на водата од “Злетовица“ и нејзината матност, особено во периодот на дождови. Во јавноста се пласираа информации дека подрачјето поради геолошката карактеристика може да содржи траги од радиоактвиниот уран, што никогш не беше потврдено.

На неколку дена пред пробното приклучувањето на штипската станица кон ХС “Злетовица“, отидовме на лице место, во срцето на овој систем. Почнавме од местото каде е лоцирана браната, на територија на Општина Кратово, преку делот каде се регулира системот на истек на вода, па потоа на територија на Општината Пробиштип, се’ до местото каде се насочува водата кон Штип, но најважно, се прават мерењеата на квалитетот на водата.

Се испитуваат пестициди, радиоактивност, паразитолошки преглед…

Хидробиолошкиот завод од Охрид е надлежната институција, која има предложена монторинг програма, според која задолжителни се контролите кои се прават еднаш неделно, додека два пати месечно ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ од Штип врши анализа на водите. Два пати годишно се прават комплетни анализи, каде се испитува и радиоактивноста. За внатрешните контроли на водата е задолжена Марија Зафировски, во чии раце е квалитетот на водата.

-Согласно таа мониторинг програма, еден пат неделно за интерни анализи за потребите на „Злетовица“, основните параметри, како pH, матност, растворен кислород, температура, електроспроводливост, се мерат тука од нас, од „Злетовица“. Двапати месечно акредитирана лабораторија,  во моментот –  Центарот за јавно здравје од Штип, прави анализа на основна физичко – хемиска и микробиолошка анализа, двапати годишно комплесна анализа, која вклучува преглед на радиоактивност на површинска вода, паразитолошки преглед, физичко-хемиски преглед, присуство на пестициди и микробиолошки преглед на површинската вода и вклучен е исто така четирисезонски мониторинг на водата од целото сливно подрачје и изработка на вертикален пробил на водата од акумулацијата, т.е. земање на мостри од различни длабочини, објаснува Зафировски.

„Злетовица“ не е подложна на индустриски влијанија

До сега ниту една направена анализа не покажала повисоки параметри од пропишаните од строгиот Правилник за води. Дополнително, институциите имаат обврска при контролата и мониторингот да алармираат на зголемени вредности. Зафировски вели дека по овие бројни анализи, водата е безбедна за употреба и ја објаснува наметната дилема со соменевањата за радиоактивниот терен и влијанието врз водите.

-Два пати годишно се врши анализа на радиоактивноста на површинската вода, која покажува дека во ниту еден случај површинската вода од сливното подрачје на река Злетовска, вклучително и Зафат 3, не ги надминува максимално дозволените концентрации за присуството на радионуклеиди во храна, вода за пиење согласно Правилникот за максимално дозволени концентрации. Правилникот предвидува доколку некогаш се надминат тие максимално дозволени концентрации, тогаш се прават дополнителни анализи. Во моментов, се следи присуство на алфа и бета радиоактивност изразена како Бекерел на литар во водата, вели Зафировски.

Матноста е еден од параметрите што редовно се следат од страна на „Злетовица“ и нивните внатрешни контроли на квалитетот. Со мобилна апаратура се мери матноста на лице место токму на Зафатот 3, од каде се вклучува системот кон Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово.

-Ова е вода земена од таложникот. Релативно чиста, без боја. За кратко време ќе го видиме резултатот – 2,84 NTU (нетретирана, сирова вода). Правилникот за бездност на вода, кој ги определува стандардите за чиста вода до крајните корисници предвидува матност од 1 NTU. Ова е нетретирана, необработена површинска вода со 2,8, објасни Марија Зафировски.

Едно од клучното прашање е колку водата од “Злетовица“ е подложна на надворешно влијание или евентуално под влијание на индустријата и земјоделието. За појасно да биде, најдобар одговор дава  сликата за функционирање на системот. Водата од браната се собира во планински простор, во чија околина има само неколку расфрлани села. Потоа водата по природен тек се симнува до Зафат 3 од каде со цевки, односно затворен систем, се носи до филтер станиците за натамошен третман за чиста вода за пиење.

– Водата не е подложена на влијание од човекот, тоа е планинско место, каде нема инсдустриски капацитети, нема антропогени влијанија, еутрофикацијата е на најниско ниво сметам дека квалитетот на оваа вода е повеќе пати поквалитетна од таа во реката Брегалница, смета Зафировски.

Хидроцентрали и современа лабораторија на Зафат 3

Местото каде се наоѓа Зафат 3 во перспектива ќе стане главната локација на обемниот хидосистем. Наскоро почнува да се гради нова, современа лабораторија, каде ќе се следи квалитетот на вода, а се планирани и мини хидроцентрали.

– Точната локација каде што се наоѓаме во моментот е местотро каде ќе се гради идната модерна лабораторија, каде ќе може да ги мериме параметрите за наши потреби.

Ова станува главна локација, бидејќи тука ќе се гради и третата хидроцентрала, која ќе биде пилот централа, која ќе ги командува и другите хидроцентрали, првата и втората, тука ќе биде и лабораторијата, контролна куќа за зафатот, така што на едно место каде вршиме концентрација на повеќе објекти, рече Милe Илиевски, директор на ХС „Злетовица“.

За просторот каде се планираат новите објекти, се подготовува техничка документација, веќе е изработена урбанистичката документација, додека во постапка добивање на дозвола за градба.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1