ММС

Објавено на: 09/17/21 8:11 PM

Семејно насилство е и малтретирање од колега на работа – Со адвокатката Марта Гусар за законските измени за родово базирано насилство

Отказ од работа добила жената, која како што утврди Граѓанскиот суд во Скопје, била жртва на насилство од страна на директорот на ООУ „Лазо Ангеловски“, каде што била вработена. Нејзиното талкње низ институционалните лавиринти во обид да го докаже тоа, траело три години. Прогласувајќи се за ненадлежни, институциите не дале простор оваа жена да дојде до правда, па нејзината адвокатка Марта Гусар на почетокот на годинава поднела предлог до Граѓанскиот суд во Скопје за изрекување времени мерки за заштита. Судот утврди постоење насилство па сега на директорот му се изречени четири мерки во времетраење од шест месеци, додека во меѓувреме се води и друга постапка за работен спор.

Ова е всушност, еден од првите случаи кои добија разрешница во домашното правосудство според новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Адвокатката, Марта Гусар во разговор за ММС, посочува дека се потребни повеќе кампањи за жените да го препознаваат насилството, иако оценува дека е направен чекор напред кон решавање на ова прашање.

-Досегашниот закон регулираше само семејно насилство каде што двете страни мораше да бидат во љубовна врска, семејна заедница, брачна заедница и слично. Меѓутоа, сега со новиот закон точно се регулира родово-базираното насилство кое може да се одвива каде било и не мора да е дома или да е меѓу брачни другари.  Така и во оваа ситуација, новиот Закон којшто се донесе во јануари, стапи на сила во мај и точно тоа го регулира – наведува Гусар, како објаснување на дилемите кои се појавија во јавноста, зошто мерките се изречени за заштита од семејно насилство а тие се колеги.

Таа посочува дека сѐ уште кога се изрекуваат мерките се изрекуваат за семејно насилство, но се однесуваат и на родово базирано насилство, односно врз жени. Во однос на новата законска регулатива, вели дека опфаќа многу повеќе облици на насилство, што овозможува подобра заштита на жртвите.

Жртвата од училиштето „Лазо Ангеловски“  пак, во чија полза одлучи Граѓанскиот суд во Скопје, трпела вознемирување и психичко насилство, додека директорот од позиција на моќ ја злоупотребувал својата службена положба.

„Имаше повеќе облици на насилство за кои ниту една надлежна институција, се сметаше за ненадлежна. Зошто тоа се случуваше нема да коментирам, ќе искоментирам кога ќе испратам допис со ова решение, бидејќи судот утврди дека постои тоа насилство во тоа училиште конкретно“, додава Гусар за ММС.

„За мене ова е преголем успех, најмногу затоа што никој не преземаше дејствие. Во ниту една институција не се потруди да погледне или да направи било што да утврди дека таму тоа се случува. По тригодишна борба во тие институции за мене ова е голем успех, не како лична сатисфакција туку за да знае жртвата дека сега веќе може да добие заштита и покрај тоа што таквото насилство не се врши само во рамките на домот“, додава адвокатката која има повеќе годишно искуство со жени жртви на насилство.

Оценува дека жените добиваат заштита кога станува збор за изречени мерки, но потребни се кампањи за препознавање на психичкото насилство, како најтежок облик за препознавање.

-Мислам дека во 21-ви век конечно треба да знаеме дека жените и мажите се на исто рамниште. Секоја позиција на жената треба да биде иста со позицијата на мажот.  Во овој наш менталитет ќе бидат потребни многу години за тоа да се надмине.  Секое вонемирување, секое малтретирање, секој стрес што може една жена да го има, се чувствува подредена е психичко насилство . Сега ќе има кампања „16 дена активизам за заштита од насилство“, па можеби треба малку повеќе да се зборува за тоа со цел секој да го препознае тоа насилство – порачува Гусар.

Таа се надева дека и ваквата пресуда која се најде во фокусот на медиумите, ќе биде мотив за жртвите да побараат помош.

„Навистина може да бидат заштитени сите и конечно да се ослободат од стегите на насилство или животот кој го живеат како таков“, додава Гусар.

„Не е само телесната повреда видлива со модринка, насилство. Може да има едукативна камапња за препознавање на другите облици на насилство освен физичкото. Кај нас требаше да помине извесно време за да се препознае дека и тоа е насилство. Веќе кога имаме нова законска регулатива може да се премине кон кампања за препознавање на сите други облици на насилство“, смета адвокатката.

Таа додава дека допрва измени треба да претрпат и повеќе закони, бидејќи Истанбулската конвенција која земјава веќе ја има ратификувано, регулира повеќе прашања. Сепак во овој момент, и сегашното законско решение е од огромно значење за сите жртви.

Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство стапи на сила во мај годинава. Со него се уредува постапувањето на институциите при преземањето мерки за превенција од родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово-базирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство.

 

Вања Мицевска

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1